Home 365 Денес Османи избегнал атентат за време на посетата на Молдавија, тврдат молдавски медиуми

Османи избегнал атентат за време на посетата на Молдавија, тврдат молдавски медиуми

0
Османи избегнал атентат за време на посетата на Молдавија, тврдат молдавски медиуми

Министерот за надворешни работи Бујар Османи бил мета на планови за негов атентат при неговата посета на Молдавија во својство на претседавач со ОБСЕ на 14 февруари, додека со 20-члена делегација престојувал во Тираспол – главниот град на Транснистрија, регионот отцепен од Молдавија, објавија молдавски медиуми.

Како што пишува молдавскиот „Реалитатеа“, наводниот напад требало да биде изведен со автомобил-бомба, паркиран во близина на замокот Бендер, додека колоната на делегацијата минувала крај тврдината.

Весникот посочува дека властите во молдавскиот проруски сепаратистички регион Транснистирја (Придњестровје) ја обвиниле украинската безбедносна служба дека е организатор на планот за нападот. Тие дури објавиле и видео запис, на кој, според нив, се гледа „агентот“ што требало да го изврши нападот, како ја следи делегацијата на ОБСЕ, предводена од Османи.

Медиумот објави видео снимка, која наводно ја направил еден од осомничените, од тролејбус, а на која се гледа како возилата влегуваат во замокот. Освен снимката како доказен материјал, властите го поседувале и телефонскиот разговор во кој агентот зборувал за нападот. По осуетениот обид за атентат, делегацијата наводно требала да биде нападната на пат кон главниот град на Молдавија, Кишињев, но атентаторите се откажале од идејата, наведува „Реалитатеа“.

Киев, пак, категорично ги отфрли обвинувањата дека украинските служби планирале напад и обвини дека тоа е „сценарио“ од Москва. Молдавските власти, пак, предупредија дека се потребни докази за ваквите тврдења, бидејќи она што е презентирано „има шпекулативен карактер и не ги одразува истрагите или потврдните податоци на властите на Република Молдавија“.

По информациите, денеска се огласија и од македонското МНР. Не биле информирани, велат, ниту постоеле индикации за било какви закани или можен напад врз делегацијата на ОБСЕ, ниту кон претседавачот со Организацијата – министерот за надворешни работи Бујар Османи, за време на неговата посета на Молдавија.

„Претседавачот имаше целосна доверба во безбедносните служби на Молдавија и во тамошните власти, кои ја гарантираа неговата безбедност и безбедноста на делегацијата“, велат од МНР.

„Во рамките на ОБСЕ, посетите на делегациите на Организацијата и посетите од страна на претседавачот предвидуваат посебни безбедносни протоколи кои се во надлежност на земјата домаќин. Реализираните посети на Украина, Молдавија, како и предвидените теренски посети во другите т.н. ‘загрозени подрачја’ се реализираат со јасна назнака дека се тоа посети на делегацијата на ОБСЕ, што во меѓународните односи се сметаат за посети со зголемен ризик и внимателност“, потенцираат од министерството, додавајќи дека безбедноста на претставниците на ОБСЕ е од висок приоритет и Организацијата ќе ја продолжи блиската соработка со локалните власти за време на која било посета и на која било локација.

Инаку, во Транснистрија живеат и Руси, и Украинци, и Молдавци, а голем дел од населението се смета за лојално на Москва. Во областа се стационирани повеќе стотици руски војници.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here