
Општина Центар го одбележа јубилејот од 50 години од формирањето на локалната самоуправа со доделување на признанијата „Феникс“ за животни постигнувања на осум истакнати личности. На свечениот прием се обрати градоначалникот Горан Герасимовски.
Признанијата ги добија Васил Тупурковски, професор, правник и политичар; Зоран Михајлов, доајен на спортското новинарство; архитектот и урбанист Мирослав Грчев; актерите Магдалена Ризова Черних и Ѓокица Лукаревски; композиторот и пијанист Дуке Бојаџиев; д-р Марија Весова, анестезиолог, и Тодор Тасевски – Тото, кој со децении го негува боемскиот дух на Скопје.
На свечениот прием, Герасимовски им се заблагодари на вработените во Општината, училиштата и градинките, соработниците и граѓаните за нивната доверба, поддршка, критики и предлози.
„Да го чуваме она што ни го оставиле генерациите пред нас и да создадеме нешто вредно за генерациите по нас. Секоја генерација оставила свој белег во приказната за Центар и на сите нив им должиме благодарност и почит“, истакна Герасимовски.
Тој, осврнувајќи се на изминатите пет години од мандатот, рече дека работата на локалната самоуправа била насочена кон потребите на граѓаните и конкретни промени во нивното секојдневие.


