Изјавата на Радев е лага и клевета и како таква е срамна за сите, а особено за него како претседател, бидејќи срамот паѓа на сите граѓани, реагираат од здружението на Македонците во Бугарија – „ОМО Илинден Пирин“, по изјавата на бугарскиот претседател во која тој оцени дека барањето за вклучување на Бугарите во македонскиот устав е „радикално различно од сепаратистичките ставови на луѓето со кои се сретнал Пендаровски“.
„Нашата партија никогаш не пропагирала сепаратистички идеи. Досега ниту една македонска организација или Македонец во Бугарија не е обвинет, суден или осуден за сепаратистички дејствија“, се вели во реакцијата на ОМО Илинден.
Според нив, лагата за сепаратизам се користи за да се оправда систематската дискриминација на која подлежат бугарските граѓани со македонска самосвест, што, како што потенцираат, доведе до 14 пресуди против Бугарија од страна на Судот за човекови права.
Дискриминацијата на Македонците во Бугарија, се наведува понатаму во реакцијата, се рефлектира во секој извештај на меѓународна институција за човекови права во врска со Бугарија во изминатите 18 години, поради што земјата и беше ставена под зголемен мониторинг во Комитетот на министри.
Освен лаги и клевети, додаваат од ОМО Илинден, изјавата на Радев е израз и на ниска политичка култура.
„Тој ги поврзува малцинските права со сепаратизмот и во нив гледа нешто лошо и неприфатливо. Да го потсетиме дека Бугарија ја ратификуваше Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и дека Република Бугарија во минатото официјално го призна македонското малцинство, кое оттогаш беше подложено на брутален прогон во комунизмот. А за информација на Радев, бидејќи тој одбива не само да нѐ прими, туку дури и да одговори на нашите барања за средба – се бориме за демократизација и европеизација на Бугарија, за човекови права, за запирање на негирањето на македонското малцинство, запирање на систематската дискриминација, стигматизација, говор на омраза и маргинализација применети против него“, се вели во реакцијата.
Од ОМО Илинден додаваат дека сакаат да им овозможат на бугарските граѓани со македонска самосвест рамноправно и целосно да учествуваат во јавниот и политичкиот живот во земјата, што во моментов систематски им се ускратува.
„Срамота е Бугарија да ја водат политичари со сличен начин на размислување (како Радев)“, стои во реакцијата.
Извор: Радио Слободна Европа