Независните руски медиуми престануваат да информираат за војната во Украина

Независниот руски весник „Новаја Газета“ денеска соопшти дека ќе ги отстрани статиите што се однесуваат на војната во Украина. Причината, како што велат од весникот, е тоа што „Руските напори за цензура го направија неопходно отстранувањето на овие материјали“.

„Драги пријатели!!! Воената цензура во Русија премина кон користење на закана со кривично гонење и на новинарите и на граѓаните кои шират информации за ‘непријателствата’ кои се различни од соопштенијата на Министерството за одбрана. Оттаму, ги отстрануваме сите материјали на оваа тема“, порачаа од „Новаја Газета“ на Твитер.

Според CNN, се работи за реномиран истражувачки весник. Неговиот уредник – Дмитриј Муратов, заедно со Марија Реса (филипнско-американска новинарка и уредничка), лани доби Нобелова награда за мир.

Причината за ваквиот потег е усвојувањето на новиот закон кој ја го криминализира „ширењето на лажни информации“ и дискредитација на руската војска, по што руското комуникациско регулаторно тело – „Роскомнадзор“, испрати предупредување до неколкуте преостанати независни медиуми во земјата да престанат да шират „лажни информации“, вклучително и изрази како „напад“, „инвазија“ и „војна“ во однос на инвазијата на Русија на Украина, што Путин и руското Министерство за одбрана го нарекуваат „специјална воена операција“ за „демилитаризација, неутрализација и денацификација“ на Украина.

Вечерва, рускиот претседател го потпиша законот.

Авторите и дистрибутерите на дезинформации за дејствијата на руските вооружени сили можат да добијат затворска казна до три години. Доколку лажната вест „се шири како дел од организирана група“ или е придружена со фалсификување докази, максималната казна се зголемува на 10 години затвор. Доколку ширењето на лажни информации предизвика сериозни последици, сторителите ќе добијат казна затвор до 15 години, наведува законот.

Претходно денеска, целиот персонал на руската независна ТВ станица „ТВ Дожд“ си поднесе оставка за време на програма во живо, а згасна и преносот на „Ехото на Москва“.

Меѓу најновите случувања на информациски план во Русија ,е блокирањето од страна на Роскомнадзор на социјалната мрежа Фејсбук на компанијата МЕТА, како реципрочен одговор на тоа што Фејсбук го ограничи пристапот до руските медиуми кои се сметаат за блиски или директно поврзани со Кремљ, а кои се обвинуваат дека шират руска пропаганда, како „Раша Тудеј (RT)“ и „РИА Новости“.

Прочитајте и:  Руте: Најдобро е земјите кои и обезбедуваат оружје на Украина да не и поставуваат ограничувања за тоа како да го користи

Според Роскомнадзор, од октомври 2020 година имало 26 случаи на дискриминација кон руските медиуми, а во последните денови се „евидентирани сѐ повеќе случаи на неосновано блокирање на официјалните профили на руски медиуми и функционери на странски интернет платформи“.

Низа експерти и аналитичари од светот, пак, во неколку наврати предупредија дека цензурата на руските медиуми во Европа и светот може да претставува меч со две острици и дополнително да го ограничи пристапот на руските граѓани до реални и објективни информации, особено за случувањата во Украина.

Руските медиуми, пак, како на пример грчката редакција на „Спутник“, чиј сигнал беше прекинат вчера како резултат на одлуката на ЕУ да ја забрани заедно со RT, обвинуваат дека „под изговор дека ќе ја прекинат ‘пропагандата’, европските институции и влади покажуваат што навистина сакаат: тие да контролираат што ќе се емитува, кои вести се правилни и кои треба да се скратат, да исчезнат“.

Конкретно на гаснењето на Sputnik.gr реагираа и Здруженијата на грчките новинари и фоторепортери, како и Здружението на странски дописници во Грција, според кои ваквите мерки имаат контра ефект:

„Новинарите и медиумските работници се првите жртви на необјавената, но видлива војна против информирањето. Незамисливо е медиумите да бидат вклучени во апсолутно оправданите санкции против една војна“, порачаа тие.

„Ги повикуваме, дури и во овој последен момент како европските институции, така и владите да имаат предвид дека покрај огромниот удар врз слободата на изразување и демократијата, потпишуваат и губење на стотици работни места“, се вели во заедничкото соопштение.

- Реклама -