Она што инстинктивно го знаеме со години наназад, дека одењето на одмор ни го чува здравјето, сега е и научно докажано, во една студија спроведена на Државниот универзитет Њујорк – луѓето што не заминуваат на одмор барем на една недела годишно, го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања за цели 30 проценти.
Добрата вест е што дури и да спаѓате во оваа група луѓе коишто избегнуваат одмори поради низа фактори, никогаш не е доцна да ги поништите негативните ефекти од досегашниот животен стил. Но, важно е да започнете веднаш!
Заминете на викенд
Понекогаш, обврските не дозволуваат да земете цел одмор во сезоната на уживање покрај морските води. Во таква ситуација, потрудете се да го извлечете максимумот. Одберете некоја пријатна дестинација што ќе ве опушти и заминете на викенд по напорната работна недела. Заборавете на поправките во домот, косењето на тревникот или што и да ви претстои овој викенд. Откриено е дека работниците што не прават паузи за намалување на стресот од работата имаат три пати поголем ризик од фатален срцев удар подоцна во животот, отколку оние што редовно одмараат.
Испланирајте вистински одмор
Одберете недела (или повеќе) кога можете да земете одмор. Започнете со планирањето многу порано и потрудете се да ги завршите обврските долго пред заминувањето. Истражувањата велат дека самото планирање на одмор значително го подига расположението, при исчекувањето на лежерното време што ви претстои. Најголемиот скок во расположението се јавува на осум недели пред заминувањето, па затоа секогаш трудете се да букирате место долго пред терминот за одмор.
Направете го патувањето лежерно
Никогаш не планирајте премногу активности на вашата одбрана дестинација за одмор, бидејќи тоа може да направи одморот да ви изгледа повеќе како обврска, отколку како одмор. Одберете одредени активности во кои вистински уживате, за да не ви стане здодевно, но оставете и доволно слободно време за правење ништо, т.е. видете каде ќе ве одвее ветрот. Кога ќе пристигнете на местото за одмор, ќе знаете што сакате да правите.
Движете се пеш
Кога шетате наоколу, правете го тоа пеш, секогаш кога е возможно. Вашето тело се активира, се ослободуваат ендорфини и вие веднаш се чувствувате подобро. Дополнителна предност на оваа непланирана физичка активност е фактот што воопшто нема да се чувствувате виновно доколку си дозволите некое вкусно јадење или пак голема порција сладолед.
Оставете ја електрониката дома!
Модерниот начин на живот ви дозволува да се вклучите на интернет од секое место на планетава и веднаш да се зафатите со работа. Одолејте му на искушението. Ако веќе мора да го понесете лаптопот или смартфонот со себе, оставете го во собата, на безбедно место и чувајте ги исклучени поголем дел од денот. Запомнете, таму сте отидени да уживате, а не да работите. Сепак, здравјето е во прашање.
Текстот е објавен во соработка со Iguana.mk