Македонија нема да ја менува унилатералната изјава за македонскиот јазик која владата ја достави до ЕУ на првата меѓувладина конференција. Одлуката е донесена по консултациите кои се воделе во македонското МНР околу содржината на изјавата, откако на неа реагираа научниците од МАНУ, Институтот за македонски јазик, за македонска литература, Филолошкиот факултет и други институции, објави „Телма“. Како што оцениле во МНР, изјавата доволно го штити не само историски континуитет на јазикот, туки и неговата иднина во ЕУ.
Од МНР, пак, денеска, велат дека Унилатералната изјава на Република Северна Македонија претставена на првата Меѓувладина конференција за пристапувањето на земјава во Европската Унија е еднострана изјава чија првенствена цел е да се осигура употребата на чиста формулација за македонскиот јазик во документи на Советот на ЕУ, без какви било објаснувања, додавки или фусноти.
„Во таа функција, со оваа изјава се соопштува нашата позиција, пропишана во Уставот на Република Северна Македонија за македонскиот јазик како службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи“, соопшти Министерството за надворешни работи.
Од министерството посочуваат дека изјавата во себе содржи релевантни делови од Уставот, Резолуцијата на Собранието од 29 јули 2021 година, и заклучоците од собраниската седница од 16 јули 2022 година.
„Во согласност со форматот на унилатералната изјава, даден е кус осврт поврзан со кодификацијата на литературниот македонски јазик и неговата заснованост на специфичниот развој на дијалектите кои се земени како основа за кодификацијата и кои биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија, а тоа се централните говори на западното македонско наречје односно говорите на оската Битола – Прилеп – Велес – Кичево. Поради ограничувањата поврзани со форматот и целта на унилатералната изјава, наведени се само неколку информации и податоци поврзани со јазичниот, просторен и временски континуитет на македонскиот јазик кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ како и неговото значајно место во славистиката и лингвистичката наука“, се вели во соопштението.
Од МНР потсетуваат дека Преговарачката рамка усвоена на 18 јули 2022 е првиот документ на Советот на ЕУ во кој е содржана чиста формулација за македонскиот јазик.
„Како што беше најавено од Европската комисија, наскоро ќе биде склучен Договорот за статусот на Фронтекс со јазична одредба во која покрај 24-те службени јазици на ЕУ ќе биде поименично наведен и македонскиот јазик. Договорот за статусот на Фронтекс ќе биде првиот билатерален договор меѓу Северна Македонија и Европската унија кој ќе содржи стандардна јазична одредба со вклучен македонски јазик. Сите идни документи на Европската Унија каде што ќе треба да биде наведен македонскиот јазик, во нивната целосна правна, политичка и административна форма ќе ја гарантираат рамноправната позиција на македонскиот јазик и неговата употреба без какви било објаснувања, додавки или фусноти“, се додава во соопштението.