Муцунски: Владата денес го пробуши дното – ова е истиот предлог, ако се прифати ќе биде национална катастрофа

„Овие денови ќе останат запаметени како најсрамните денови во современата македонска нација. Ова е влада која последните години ја опустоши државата, држава сме со најнизок раст на БДП, највисок степен на корупција, оваа иста влада го смени името на државата под кампањата наречена ‘За европска Македонија’ и тогаш мислевме дека го допреа дното, а денес го пробушија“, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, во „Тема на денот“ во дневникот на Сител, потенцирајќи дека ова е истиот предлог од пред две недели и дека ако се прифати тоа ќе значи национална катастрофа за Македонија и македонскиот идентитет.

Таа слика која ја видовме денес во владата е сликата на фигуративно гробарите на македонскиот идентитет, оцени Муцунски, додавајќи дека е срамно ова што се случува.

Тој ги повика граѓаните да бидат максимално внимателни кон она за што се разговара, особено затоа што, како што рече, во тек е масовна продукција на лажни вести и информации од страна на Владата за тоа што содржи овој предлог.

„Јас сум еден од најголемите поборници за европеизација на Македонија, но по вредностите на Шуман, која поттикнува процес на консолидирање на минатото, гледајќи кон иднината и економски напредок, а не европеизација која во својата содржина како овој предлог се презентира како врвен успех, а се вклучува одредба од билатерален договор помеѓу две држави каде се бара во рамки на процесот на преговори со ЕУ да се следат годишни прегледи и мерки за ефективна имплементација на членот 12 од договорот. Тоа значи дека Бугарија утре може да каже дека учебниците се неприфатливи за нив и тоа ќе значи дека нашите учебници каде се дефинира кој е Гоце Делчев, какво е Илинденското востание, веќе стануваат европски проблем. Тоа владата го претставува како колосален успех“, потенцираше Муцунски.

Тој посочи и дека амбасадор на земја членка на ЕУ, алудирајќи на француската амбасадорка во Бугарија, денеска јавно кажа дека се работи за истиот предлог.

„Сите чинители во Бугарија велат дека се работи за истиот предлог со семантички измени. Сега не стои ‘протокол’ туку е дефиниран како ‘годишни прегледи и мерки’. Првата дезинформација и лага е дека се работи за различен предлог, ова е истиот предлог кој пред две недели беше одбиен“, рече Муцунски.

Негов личен став, истакна тој, е дека ова е национална катастрофа за нашата држава и за нашиот идентитет.

„Видов сличен став дури и на Карл Билт, кој е еден од најсилните промотори на европска интеграција, дека ова е предлог кој ќе го усложни процесот. Со жалење морам да констатирам дека доколку ние како држава и нација го прифатиме овој предлог, ние ќе си го усложниме патот и можеби никогаш нема да станеме членка на ЕУ“, рече Муцунски.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

Во однос на утрешните протести, Муцунски оцени дека Владата сака во рок од 48 часа да презентира фиктивна консултација со општествените фактори, и ги повика граѓаните да излезат пред „Илинденска“ бр. 2 во 19 часот, за да порачаат одлучно „НЕ“.

„Оваа влада сака во рок од 48 саати да презентира фиктивна консултација, притоа сега гледаме дека или предлогот нема да оди во Собрание или ќе оди како консултација, што значи дека оваа влада не верува дека има 61 пратеник кој ќе го поддржи. Затоа е потребно цврсто да застанеме како општество“, повика тој.

Според него, треба решително да ѝ кажеме на Европа дека ова не го прифаќаме.

„На Македонија не ѝ треба политички консензус, ѝ треба општествен консензус по ова прашање и требаше со време да се консултираат врвни експерти од МАНУ, универзитетите, медиумите, невладин сектор, стопанските комори и да видиме сите заеднички како да изградиме стратегија“, рече Муцунски.

Доколку владата имаше почит кон ставот на ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, ќе прифатела кога партијата понудила експертска помош и заеднички да се изгради политика во надворешната политика, особено стратегија во односите во Бугарија за да не дојдеме до оваа ситуација сега.

„Бугарија постојано ќе се навраќа на вето и заради ваков тип на договор ние ќе бидеме постојано заглавени во процесот на преговори и нема да разговараме за таа Европа во која што сакаме да веруваме за владеење на право, трговски друштва, туку ќе преговараме дека за прв пат во историјата самата ЕУ ги нарушува своите принципи, вметнува во преговарачка рамка билатерален спор и отвора можност и веројатност за национално понижување на македонскиот народ“, рече Муцунски.

Муцунски повика граѓаните да реагираат и да го заштитат своето национално достоинство.

„Не може да дозволиме една држава која во Втора светска војна вршеше воена агресија во Македонија, сега да врши политичка агресија и да го наруши тоа што луѓе давале животи за да имаме наша држава. Да застанеме за интересот на Македонија. Има начини, има пат, но примарно мораме да дадеме едно одлучно НЕ. Ги повикувам граѓаните утре на протест пред Владата во 19 часот. Заради нашата иднина и достоинство“, порача Муцунски.

- Реклама -