Муцунски: Полноправното членство на земјава во ЕУ колку е наш, толку е и интерес за сите наши соседи

Има начин како да се обезбеди сигурност за нашата држава дека понатамошниот пат кон ЕУ ќе биде врз основа на мерливи критериуми, изјави министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, нагласувајќи дека „секогаш верува во разумноста“ и дека „процесот на интеграција на нашата земја кон полноправно членство колку е од наш интерес, е еднакво од интерес и за сите наши соседи“.

Прашан дали има некакви сигнали за разговори во соседна Бугарија, Муцунски рече дека Бугарија повторно влегува во изборна година, изразувајќи очекување дека што побрзо ќе се формира политичка влада, влада со која, како што вели „ќе можеме да дискутираме за да отвориме дијалог на повеќе нивоа – од највисоко ниво, до ниво на соработка помеѓу министерствата за надворешни работи“.

-Нашите позиции се добро познати. Позиции што беа јавно експонирани во текот на изборната кампања. Врз основа на таквите позиции, секако сметаме дека треба да дискутираме не само со Бугарија, туку и со сите наши соседи, со кои што имаме отворени прашања, изјави Муцунски, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик на УКИМ во Охрид.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

Со проактивен пристап, отвореност и со добра верба, земајќи ги предвид и глобалните предизвици, според Муцунски, нема прашање што не може да се надмине.

Прашан дали очекува нова преговарачка рамка со ЕУ, Муцунски појаснува дека „ние треба да имаме сигурност дека процесите кои што ќе ги водиме во иднината ќе бидат предвидливи“ и дека тоа е значајно како за нас како држава, така е значајно и за Европската Унија.

– Секоја дополнителна билатерализација на процесот на европска интеграција го урива легитимитетот на процесот на проширување на ЕУ. Ние велиме, доколку се чувствуваме сигурни дека патот понатаму може да се остварува врз основа на опипливи и мерливи критериуми, а кои што произлегуваат од европските стандарди, тогаш имаме простор да дискутираме за како да го движиме патот. Има начин како да се обезбеди сигурност за нашата држава дека понатамошниот пат кон ЕУ ќе биде врз основа на мерливи критериуми, изјави Муцунски.

- Реклама -