Мицотакис: Не ја поддржуваме Бугарија во блокадата

Јасна порака дека Грција не ја поддржува Бугарија во блокадата на европската перспектива на Северна Македонија испрати грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговото учество на „Атинскиот демократски форум“, истакнувајќи дека тоа е „непотребна компликација“, јави дописничката на МИА од Атина.

За време на дискусијата со Стивен Ерлангер, уредникот на дописништвото од Европа на „Њујорк Тајмс“, грчкиот премиер говореше за низа актуелни теми во Грција, меѓу кои и за интеграцијата на Северна Македонија во Унијата.

„Не. Не ја поддржуваме Бугарија. Сметаме дека е непотребна компликација“, рече Мицотакис на прашањето дали Грција е на страната на Бугарија во блокирањето на ЕУ-перспективата на Северна Македонија.

Грчкиот премиер се осврна на претстојниот Самит ЕУ- Западен Балкан во Словенија, истакнувајќи дека оттаму треба да се прати јасна порака дека Западниот Балкан припаѓа во Европа.

„За неколку дена ќе се сретнеме во Словенија. Треба на Западен Балкан да му понудиме јасна европска перспектива. Треба отворено да разговараме за проширувањето. Треба да пратиме сигнал дека за 10-15 години, колку и да е потребно, но дека Западен Балкан припаѓа во Европа“, рече Мицотакис и додаде дека евентуалниот вакуум што би се создал „ќе го окупираат други играчи“.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Паралелно, уште еднаш го повтори неговиот став за Договорот од Преспа, дека не гласаше „за“ бидејќи, како што објасни, постојат аспекти што не му се допаѓаат. Но, потсети и на ставот дека ако договорот се ратификува во Парламентот, тогаш ќе го почитува, бидејќи е меѓународна обврска за земјата.

Европската перспектива на Западен Балкан била една од темите и на средбата на Мицотакис со премиерот на Словачка – Едуард Хегер, на нивната средба во Атина. На средбата, двајцата се согласиле дека треба да се забрза интегративниот процес, јави дописничката на МИА од Атина.

„Се согласивме дека интегративниот процес на Западен Балкан треба да се забрза, за Западен Балкан да не се претвори во нови жаришта на проблеми. Балканскиот полуостров е европски, па така и неговата иднина поминува само преку Европа“, истакнал Мицотакис.

- Реклама -