Во своето обраќање до граѓаните на последниот ден од претседателската кампања, главен фокус на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, се разочараните и обесхрабрените, но и оние кои заговараат бојкот. Мицкоски вели дека целосно ја разбира потиштеноста и таквото чувство е сосема оправдано:
„Тоа е чувство кое е оправдано по изневерените очекувања. Жицата која ја скинаа името, идентитетот, уништениот стандард, измамата дека ќе ја донесле Европа и ние сме блескале во светот, 500 евра плата, 500 километри автопатишта, чистиот воздух, животот кој стана пекол, тендерите, непотизмот, прогонот и неправдата која стана секојдневие. Патриотите кои ги направија терористи и родителите од Смилковско кои ги разочараа, децата кои гинaт на градскиот асфалт, сиромаштијата која стега, неправда, црна неправда, но и бранителите што ги заборавија…“, набројува Мицкоски.
Сепак, иако разочараноста е разбирлива, седењето на страна ќе значи оправдување за оние кои сето ова го донесоа, порачува Мицкоски. Според него, иако ситуацијата е сложена, изборот е всушност едноставен. Тој ги повикува разочараните да гласаат и да ја казнат оваа власт. Сè друго ќе значи, вели, согласност со тоа како работат.
Во обраќањето Мицкоски подаде рака и кон бојкотирачите. Нив им порачува дека битката за Македонија не е само негова и на ВМРО-ДПМНЕ, туку на секој еден човек, за неговото достоинство и чест.
„И можеби со нас имате многу причини да имаме различни погледи и ставови, но нас нè обединува борбата за Македонија, борбата за татковината. Затоа не му помагајте на Заев со бојкотот. Не ги продолжувајте месеците на клинички живот на оваа власт. Ајде да ги собориме! Излезете и гласајте за нашата земја“, порачува Мицкоски.