Мицкоски: Одвојувањето на Македонија и Албанија ќе биде историска грешка и уште една неправда кон овој народ

Одвојувањето на Македонија и Албанија на европскиот пат би било уште една историска грешка и неправда, оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, коментирајќи ги пораките од француската државна секретарка задолжена за Европа – Лоранс Бун, која предупреди дека ако не се изгласаат уставните измени, постои ризик од раздвојување на двете земји.

„Јас ѝ посакувам среќа и успех на Албанија и на сите останати држави, но ако овие бирократи тоа го дозволат, ќе направат уште една историска грешка и неправда кон овој можеби малуброен народ, но горд и достоинствен народ“, рече Мицкоски.

„Ние ќе се бориме да ги подобриме лошите услови кои оваа криминална влада им ги направи на граѓаните“, додаде тој по средбата со претставниците на Стопанската комора на северо-западна Македонија.

Во однос на уставните измени, кои утре официјално ќе влезат во собраниска процедура, Мицкоски порача дека неговиот и ставот на ВМРО-ДПМНЕ останува ист и тој е поддржан од органите на партијата и од пратеничката група.

„Нашиот став е аргументиран и до сега непроменет. Не гледам причина под ваков притисок, истиот да биде променет. Тој е поддржан и од органите на партијата, од пратеничката група и очекуваме европско однесување кај нашите стратешки партнери и со една идна влада да седнеме и дел од тие околности кои се проблематични и нас нѐ загрижуваат, да бидат променети“, рече Мицкоски.

Тој потврди дека утре ќе бидат присутни во Парламентот кога ќе биде ставена точката на дневен ред, а како што рече, членовите од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против.

„Утре ќе бидеме присутни во Парламентот, и кога ќе биде точката ставена на дневен ред, членовите од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против. Така ќе биде и на самата седница за овие уставни измени од работната група предводена од Цаца Николовска доставени во Парламентот. За да почнат уставните измени, нема никаква потреба во првиот чекор да имаме содржина на истите. Очигледно е дека овие луѓе повеќе сакаат да им слугуваат на Радев и Бугарија, отколку на македонскиот народ. Нема да поддржиме отворање на иницијатива која што во овој момент ќе значи отворање на Уставот“, додаде Мицкоски.

Прочитајте и:  Меџити: Двете делегации предводени од Гаши и Мицкоски имаат свои агенди на Самитот на НАТО во Вашингтон

Прашан за наводните претпоставки дека Џафери ќе ја отвори седницата на 18 август, но ќе ја прекине и одложи на неодредено време додека не се обезбеди двотретинско мнозинство, Мицкоски оцени дека такво нешто нема да има, бидејќи, како што рече, ако власта мислела дека тоа е добар политички потег, можела изминативе година дена тоа да го направи.

„Ако се вратиме година дена назад, истите овие луѓе велеа дека во септември ќе бидат тие измени, па помина септември, па велеа на крајот на годината, па помина и крајот на годината, па велеа во февруари. Еве, помина и јули. Овие политичари направија историска грешка за иднината на Македонија и на народот. И сега се пред уште една историска грешка. Ги предупредувам да не ја прават третата грешка по ред, а тоа е отпочнување на процедура за која немаат поддршка и нема да ја имаат. Тука не е важен Христијан Мицкоски, важни се граѓаните“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: МИА

- Реклама -