Мицкоски: Не знам како не гледаат дека 15 пратеника на ДУИ владеат со 120 и со државата

„Овој очаен капацитет на Владата ќе биде уште поочаен, поради тоа ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени парламентарни избори, бидејќи граѓаните и државата страдаат од лошите политики на власта“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, во интервју за Македонско радио.

„Јас не знам дали се свесни пратениците на СДСМ и коалиционите партнери дека во оваа Влада главниот збор не го има ниту СДСМ, ниту тие, туку го има ДУИ. И сега 15 пратеника на ДУИ владеат со 120 и со државата. Не знам како не успеваат да го видат тоа, зарем толку им е важен личниот интерес да државниот интерес и интересот на граѓаните е позади… Како не можат да видат дека комплетно се развластени од страна на ДУИ и дека клучните позиции, клучните потези ги прави Али Ахмети“, рече Мицкоски.

Тој појасни дека не ја обвинува ДУИ, туку останатите пратеници кои што се дел од СДСМ и нивните коалициони партнери, притоа прозивајќи ги Павле Трајанов, Љупчо Георгиевски, Горан Милевски, Маја Морачанин и останатите.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

„Колку подолго ја поддржуваат таа Влада, толку повеќе Македонија ќе губи. Затоа што ткивото внатре е разјадено, затоа што системот ни е на колена. Ќе ни требаат можеби години да повторно дојдеме на нулта позиција. Толку ли не разбираат дека државата е во слободен пад. Дека функционирањето на државата како никогаш до сега не е доведена во оваа состојба“, порача Мицкоски.

„Затоа ги повикувам да размислат трезвено, затоа што ова не е Влада во која што тие се мнозински партнер. Ова е Влада во која што тие се развластени, а вистинското мнозинство го имаат 15 пратеника на Али Ахмети и ДУИ. Треба да разберат дека поддржуваат политики на ДУИ, а не политики на СДСМ и нивните коалициони партнери“, додаде тој.

- Реклама -