Мицкоски и коалицијата бараат Бугарија да не ја блокира Македонија кон ЕУ, но и да го признае македонското малцинство

Бугарија да не ја блокира Македонија на патот кон ЕУ, но истовремено и да ја признае посебноста на македонскиот народ и да го признае македонското малцинство во Бугарија, побара денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, соопштувајќи го ставот на коалицијата „За обнова на Македонија“ по денешниот состанок одржан во Скопје.

Како што истакна Мицкоски, водејќи се од државните и националните интереси на македонскиот народ и македонските граѓани; притоа имајќи ја во предвид стратешката определба на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците и останатите за интеграција на Македонија во ЕУ; а предизвикана од неспособноста на актуелната власт да ги реализира националните интереси и стратешките определби; и свесна за значајноста на историскиот моментум наспроти тајноста, нетранспарентноста на процесот кој што води актуелната Влада и исклучувањето од истиот на сите политички и научни фактори, коалицијата „За обнова на Македонија“ ги усвои следниве заклучоци:

1. Коалицијата цврсто стои на уставната одредба за антифашистичкиот карактер на народноослободителната борба, и остро се спротивставува на промените на Уставот кои значат негирање на антифашистичкиот карактер на народноослободителната борба!

2. За коалицијата – македонскиот јазик, неговите историски корени и антропологија, како и неговата признаеност се неспорен историски факт кој е потврден и признат од целокупната светска научна јавност и околу овој факт нема дискусија.

3. Коалицијата инсистира на признавање и почитување на македонското малцинство и неговите европски загарантирани права, а кое опстојува кај нашиот источен сосед и чие постоење е потврдено од страна на европски надлежни правни институции, како што е Судот за човекови права во Стразбур. Воедно го повикуваме источниот сосед да ги почитува одлуките донесени од овој суд, а кои се однесуваат на правата на македонското малцинство во Бугарија.

4. Коалицијата повикува на почитување на македонската историја и нејзината посебност. И се спротивставува на вештачката промена на улогата и карактерот на националните херои кои се бореле за слободна и независна македонска држава.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

5. Коалицијата енергично потенцира дека македонскиот идентитет е неспорен и засебен, и има свој посебен историски, правен политички и културолошки развој. Кон овој став едногласно се придружуваат и припадниците на партиите од коалицијата кои што ги преставуваат етничките заедници кои се различни од македонскиот народ.

Како што посочи Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ – како наследник на историската организација ВМРО, има историска одговорност и обврска да ги штити, зачува и промовира сите идентитетски обележја на македонскиот народ и да се бори за нашата заедничка европска иднина. Според него, и сите останати партии од коалицијата се придружуваат и цврсто го поддржуваат овој став.

Истовремено, коалицијата ја предупреди актуелната власт да не тргува со националните интереси, да не ги руши темелите врз кои е изградена модерна македонска држава создавани од генерации, и да овозможи транспарентност и инклузивност на сите партнери во процесот и изградбата на национален консензус за ова прашање. Во спротивно, порачуваат од „За обнова на Македонија“, власта ќе се соочи со судот на народот, историјата, но и правдата.

„Врз основа на горенаведеното и цврсто опстојувајќи на истото, Коалицијата ‘За обнова на Македонија“ ја повикува Република Бугарија да не ја блокира европската иднина на Македонија, туку напротив да ја поддржи истата и на тој начин да покаже вистинско пријателство помеѓу граѓаните на двете држави.

Коалицијата ‘За обнова на Македонија’ апелира до пријателите и сојузници од Европската Унија, европската јавност и политичари да се вложат во отворање на пристапни преговори за членство во Европската Унија на Македонија и да им овозможат на македонските граѓани од сите етникуми да ја добијат европската перспектива и иднина кои што одамна ја заслужија со повеќедецениски дела и залагања“, порача Мицкоски.

- Реклама -