Мицкоски: ДУИ не е фактор што може да наметне претседател да се бира во Собранието, уцената со излезеноста е недржавен чин

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека треба да се игнорира идејата на ДУИ за избирање претседател на државата во Собранието. Тој ја квалификува како „фрустрација на поединци“ изјавата на Али Ахмети во оваа насока и оцени дека „ДУИ не е фактор што може да наметне ваква тема зашто набрзо ќе биде дел од минатото, додека дрскоста да каже такво нешто и да го поврзе со уцена за излезеноста на изборите, е недржавен чин“.

Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Гази Баба, порача медиумите многу внимателно да пристапуваат кон ваквиот тип изјави.

Според него, иницијативата на ДУИ за потпретседател на државата „не е нешто што ќе додаде вредност“. Мицкоски го повтори партискиот став, дека треба да се укинат сите заменички места за да се заштедат средства кои би се вложиле во капитални инвестиции.

-Ја слушнав таа изјава на Ахмети. Оваа негова изјава во отстуство на други идеи и корисни проекти, кога ДУИ е фатена во огромен криминал, е обид со лесен дефокус да се гради тема која потоа ќе се пренесе во кампањата, како што беше „премиер Албанец“. Мислам дека треба да се игнорира ова. Прво, тие не се фактор за да наметнат ваква тема и како јавност не треба да се фаќаме на јадицата што доаѓа од политичка опција која набврзо ќе биде дел од минатото, а второ, самата дрскост да се каже такво нешто и да се поврзе со уцена за излезеноста на изборите, е недржавен чин за партија која сака да се прикаже како државотворна и која 22 години е дел од Владата и го јаде лебот поради граѓаните и државата, изјави Мицкоски.

Според него, и ВМРО-ДПМНЕ можело во 2019 година да излезе меѓу двата круга и да уценува, но тоа не го сторила.

-Ве замолувам, многу внимателно да пристапувате како медиуми кон ваквиот тип изјави и обид за дефокус од политичари кои не се фактор, а се обидуваат да се претстават како фактор, а за многу кратко време од денес ќе бидат пратени во политичка пензија и голем дел од нив ќе бидат дел од процеси каде ќе треба да ја докажуваат својата невиност зашто постојат основани сомневања дека сториле огромен криминал, истакна Мицкоски.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

Изјавата на Таравари за избор на претседател во Соранието, оцени Мицкоски, е помека.

-Го слушнав Арбен Таравари. Тој кажа дека тоа не е услов за формирање Влада. Како што успеав да разберам, помека изјава е. Но, ако сега ова го креваме во јавност, ќе нема простор за пораките за подобар живот, како економија, реформи. Повеќе ќе ги интересира граѓаните тоа, отколку да задоволуваме фрустрации на поединци со тоа што ќе им посветуваме внимание, потенцира Мицкоски.

Тој уште еднаш кажа дека ВМРО-ДПМНЕ по изборите е подготвена да разговара на сите теми, но и дека има свои услови.

-ВМРО-ДПМНЕ има политички позиции за многу од овие теми и зависно кој ќе биде соговорникот, се надевам дека заедно ќе работиме во интерес на граѓаните и државата, рече Мицкоски.

Во однос на иницијативата на ДУИ за потпретседател на државата, повтори дека заменичките позиции се бесполезни.

-Не мислам дека тоа е нешто што ќе додаде вредност. Имаше таква иницијатива во минатото, во раните 90-ти години и не мислам дека тоа додаде вредност за граѓаните, дека се подобри животот. Цениме дека потпретседателските и заменичките позиции треба да се укинуваат за да се заштедат средства кои ќе се наменат за капитални инвестиции и за подобар стандард на граѓаните. Заменик министерските места носат само преговарања и надмудрувања или замениците во јавни претпријатија, тоа треба да се укине, сметаме дека се бесполезни трошоци, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој ги нарече „глупости“ и „расрфлање пердуви“ критиките од ДУИ кон Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ за нивната наводна проруска ориентираност.

- Реклама -