Мицкоски: Барањата на Петков се порадикални и од тие на Каракачанов, не знам зошто уште воопшто преговараме

Трите барања на бугарскиот премиер Кирил Петков за решавање на спорот со Бугарија се ултранационалистички и се порадикални и од барањата на поранешниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана – Красимир Каракачнов, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во седиштето на партијата.

Тие три барања се порадикални и од барањата на Каракачанов. Затоа што тој (Петков) вели вака: ‘Декларацијата од Параментот’ – таа е ултраасимилаторска и хегемонистичка, потоа вели ‘Бугарите во Уставот’ и конечно на крај викаат ‘Договорот за добрососедство’. Не знам кој нормален човек од Македонија ова ќе го прифати. Јас не знам дали има таков човек. Па дури и овие кои ние мислиме дека се комплетно отсутни кога станува збор за националните интереси, мислам дури ни тие ова не може да го прифатат“, рече Мицкоски.

Според него, ова е обид на Петков да ја одржи како таква коалицијата во Бугарија со, како што вели, „ултрарадикален национализам“.

„Се гледа дека човекот политички лута, од тоа што се претставуваше како либерал со отворени сфаќања, сега да тврди ултранационалистички барања. Нормално дека тоа нема да го прифатиме. Додека не видиме гаранции на маса со кои се поништува резолуцијата од ноември 2019 година, додека не добиеме еден документ за да имаме основа да дискутираме за сѐ останато, не ја гледам поентата на тие преговори. После оваа изјава негова не знам зошто воопшто преговараме“, рече Мицкоски.

Извор: МИА

- Реклама -