„Денеска Македонија се буди и сите оние кои сакаат со потпис за ден-два од денеска да стават крај на Македонија, тоа нема да им го заборави македонскиот народ и македонските граѓани. Нас не ни треба Европа ако треба да се асимилираме“, е пораката што ја упати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, вечерва пред почетокот на сенародниот протест „Ултиматум – Не благодарам“.
„Јас не сакам да бидам во Европа затоа што имам право да бидам Македонец, кој говори на македонски јазик и кој се бори за својата Македонија, за својот идентитет, за својата култура, за својата историја и за совоето наследство. Тоа е она што сакам денеска да го порачам, а тоа го порачуваат и овие десетици илјади граѓани, неколку недели од оној грандиоизен настан од 18 јуни“, изјави Мицкоски.
На Владата, како што рече Мицкоски, ѝ порачува дека него не го интересира пораката на Еди Рама, туку го интересира пораката на овие илјадници луѓе тука, а тоа е „не“ за последниот предлог.
„Ќе почекаме, ако Европа не е подготвена да нѐ прими нас цивилизираните Македонци на цивилизиран и достоинствен начин таму каде што ни е местото, а тоа е во Европа, ќе почекаме кога ќе дојдат луѓе кои го разбираат она што ние денеска сакаме да го кажеме. А тоа е Македонија пред и над сѐ, македонскиот идентитет пред и над сѐ“, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека на денешниот сенароден протест нема политика, туку „има само една партија, а тоа е Македонија“, односно има луѓе од сите политички партии, но и оние што се неопределени а даваат силен отпор против францускиот предлог.