Медведев: САД би можеле да доживеат нов 11 септември, но со нуклеарно оружје

Претседателот на Советот за безбедност на Русија и поранешен претседател и премиер на Русија, Дмитриј Медведев, вчера во објава на својот канал Телеграм рече дека САД наскоро би можеле да доживеат напад како оној на 11 септември 2001 година, но со нуклеарно или биолошко оружје.

Медведев ги упати своите закани само еден ден пред годишнината од терористичките напади во кои загинаа 2.996 луѓе.

Медведев, кој беше претседател на Русија од 2008 до 2012 година и премиер од 2012 до 2020 година, често му се закануваше на Западот со нуклеарно оружје во изминатата година и половина.

Тој вчера на својот канал на Телеграм објави, како што рече, „неколку зборови во пресрет на 11 септември“. Во објавата, тој ги исмева САД за, како што рече, „ароганција и одвратен нарцизам“ меѓу западните нации и „универзална ароганција за кое било прашање“.

Превод на неговата опширна објава на Твитер објави Антон Герашченко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи.

„Не сакам да предвидувам, но САД ќе доживеат во еден момент терористи да извршат нов напад во стилот на 9.11.2001 година, но со нуклеарна или биолошка компонента“, напиша Медведев, како што преведе Герашченко.

Прочитајте и:  Трамп на митинг дојде во камион за ѓубре: Ова е во чест на Камала и Бајден

„Или уште полошо: еден од лидерите на нуклеарните земји ќе ги изгуби нервите и ќе донесе емотивна одлука да употреби оружје за масовно уништување. Особено што нуклеарниот клуб постојано се шири и значителен дел од него не е обврзан со никакви обврски. И тогаш тоа би било тоа. Крај на играта. Ќе остане само да се соберат пари за нов споменик во квартот Граунд Зеро. Во најдобар случај“, додаде тој.

Минатиот месец, во интервју за руската државна новинска агенција Тас, Медведев даде слични коментари сугерирајќи дека САД и другите западни земји го туркаат светот поблиску до трета светска војна.

„Да бидам искрен, дефинитивно ќе беше подобро да ги слушнат сигналите“, рече Медведев. „Во секој случај, светот не треба да се соочува со закана од трета светска војна. Всушност, ова е ситуација во која нашите противници активно туркаат сè“.

МИА

- Реклама -