Машина што произведува чиста вода, електрична енергија и бесплатен интернет

Watly[1]

Машината „Wаtly’ – дело на италијанско-шпанската стартап компанија со истото име, личи на футуристичка вселенска капсула, а всушност создава чиста вода, струја и интернет пристап.

Watly има потенцијал да ги промени руралните предели на субсахарска Африка, каде живеат повеќе од 625 милиони луѓе. Две-третини од популацијата нема пристап до електрична енергија, а 39% немаат пристап до чиста вода.

Машината работи на принцип на собирање соларна енергија, која потоа се конвертира во електрицитет кој се складира во батерија од 140 kwh (киловат-часови). Батеријата го напојува системот за прочистување на водата – кој е базиран на графен, по што водата се врие и се дестилира. Машината може да произведе до 5000 литтри чиста вода дневно.

Батеријата напојува и wireless интернет пристапот, и тоа во радиус од до 800 метри, а напојува и станица за полнење на електричните уреди.

Потенцијалот е голем – 15-годишно користење на Watly би заштедило околу 5.000 барели нафта.

Прототипот се тестира во руралните предели на Гана, а планот е употребата да се прошири и во Нигерија и Судан. Исто така, во јули ќе биде прикажан и конечниот дизајн на машината, која е долга 40 метри и тежи 15 тона.

Стартапот доби поддршка и од Европската Унија, која на компанијата ѝ додели грант од 1.4 милиони евра, како дел од програмата Horizon 2020.

- Реклама -