Маричиќ: Нема потреба од референдум за преговарачката рамка, треба да извлечеме лекции од референдумот за Преспанскиот договор

„Веќе имаме научено лекции“ со вакви иницијативи, изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, на новинарско прашање во врска со најавата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум за преговарачката рамка.

Според Маричиќ, нема потреба од тоа сега.

„Вие се сеќавате дека опозицијата инсистираше на референдум за Договорот со Грција. Тоа беше една долгорочна заложба во сите политички програми на опозицијата со години. Тоа во 2018-та година го прифати и Владата и решивме да организираме референдум, кој што партијата што го бараше со години на крајот реши да го бојкотира. На тој начин остави една дамка на целиот процес, иако можеше да учествува и да се затвори тоа прашање“, рече Маричиќ.

Прочитајте и:  Пешевска: Барам јавно извинување од колегите од Левица за вчерашното однесување и за зборовите изустени и упатени кон нечија мајка, сопруга, ќерка, девојка

Според него, тоа треба да биде научена лекција, бидејќи овој пат, вели, има доволно легитимитет на институциите, особено на Собранието, да дискутира и во еден демократски процес на дијалог да се дојде до двотретинско мнозинство. Тоа е сосема доволна гаранција и легитимитет за уставните измени и без референдум, смета вицепремиерот.

Тој, сепак, потенцираше дека Владата сѐ уште не расправала и не донела одлука по ова прашање, но дека тоа е негов личен став.

„Мој личен став е дека нема потреба од референдум и дека е подобро институциите да си ја преземат својата одговорност, наместо да се користи евентуалниот референдум за манипулации и политички поени“, рече Маричиќ.

Извор: МИА

- Реклама -