Марфи: Неносењето на уставните измени ќе ги смени односите со САД, а ќе биде и многу загрижувачко за НАТО

„Тука сум за да се осигуриме дека САД праќаат навистина силна порака до нашите партнери и до вашите партнери во Собранието, пратениците, како и до луѓето во Северна Македонија. Ние ја поддржуваме вашата одлука да се приклучите кон ЕУ и ве повикуваме да ги преземате потребните чекори за да го овозможите ова проширување. Ако Северна Македонија тргне по друг пат, ако одлучи против овие уставни измени, тогаш ќе се тргне од патот кон ЕУ, а ќе биде и многу загрижувачки чекор за членките на НАТО, оние кои сакаме да ги браниме врз основа на нашите вредности“, порача сенаторот Крис Марфи, член на Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат, по средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата.

Тој го потврди партнерството на двете земји во НАТО, за кое сведочи, според него, обединетоста во врска со бруталната инвазија на Украина за која, како што рече, „Русија ќе плати“.

„Знам, навистина знам, дека долг беше патот кон ЕУ. Знам и дека за многумина поставуваат легитимни прашања за тоа дали ЕУ е вистинската можност. Тука сум да ви кажам дека е. Многу луѓе го кажуваа истото и за НАТО. Дека Северна Македонија никогаш нема да добие покана од НАТО. Но вие ги презедовте потребните тешки чекори за да ја овозможите таа покана. Потпишавте историски договор, којшто ја овозможи таа покана, и денес Северна Македонија е членка на НАТО Алијансата. И навистина посакувам тоа да добиеше повеќе внимание, се случи во време на ковид, и можеби не сите тука сфаќаат што значи тоа да се има безбедносна гаранција од САД“, рече Марфи, додавајќи дека сега има слични чекори коишто треба да бидат преземени, но истовремено и нова можност за ЕУ проширување.

„Војната во Украина е криза, но ја разбуди ЕУ. Ја освести за потребата да ги остави вратите отворени. Украина не може да влезе во ЕУ ако не влезат и земјите од Балканот. И затоа ова е нова реална можност за проширување, а Северна Македонија не треба да ја пропушти оваа прилика. Овие уставни измени, технички измени на Уставот, се јасна можност за Северна Македонија да може да се приклучи кон ЕУ. Ова е нова можност која што се укажува за проширување“, порача Марфи, кој е сметан за добар познавач на регионот.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

Приклучувањето кон ЕУ, според него, ќе значи брз економски раст, високи плати, но и повеќе американски компании коишто ќе доаѓаат во земјава.

Тој, како и премиерот Ковачевски, го посочи цврстото економско партнерство меѓу двете земји, како и тоа дека сѐ повеќе американски компании работат тука, во споредба со минатото. Истовремено, Марфи потенцираше дека нашата безбедност не доаѓа само преку војската, туку и преку економијата.

Од друга страна, тој предупреди на последиците доколку не бидат донесени уставните измени:

„Сакам да бидам јасен и за влијанието што тоа ќе го има врз односите со САД ако Северна Македонија тргне по друг пат, ако одлучи против овие уставни измени, тогаш ќе се тргне од патот кон ЕУ, а ќе биде и многу загрижувачки чекор за членките на НАТО, оние кои сакаме да ги браниме врз основа на нашите вредности. Ние сме пријатели, никогаш нема да престанеме да бидеме пријатели и партнери, но луѓето во САД, лидерите во САД ги набљудуваат изборите што ќе бидат направени тука во следниве неколку месеци. И сите тие се надеваат дека вашата одлука ќе биде усогласена со нашите безбедносни мерки преку НАТО, и ќе биде усогласена со слична одлука да се остане на патот на ЕУ, барем во поглед на економските прашања“, порача сенаторот.

Според него, ни претстои важен избор.

„Треба да се направат избори, Русија е сериозна закана на Алијансата, на светските демократии. Ова е моментот за демократиите, демократиите во Европа да се обединат, да ги донесат тешките одлуки, за да возвратат на оваа агресија. Вашата посета на Вашингтон беше од витално значење, и се надевам дека од Скопје ќе слушнеме добри вести набрзо во врска со уставните измени и патот кон ЕУ. Ние остануваме со вас за да се осигуриме како што се приклучивте кон НАТО, така ќе се приклучите и кон ЕУ“, истакна Марфи.

Тој нагласи дека „иднината на овој свет ќе биде во тоа кој ќе произведува клучни и критични технологии“, додавајќи дека САД сакаат да се сигурни дека „нивните партнери се тука во Европа“.

„Затоа ја споменавме и инвестицијата за компјутерските чипови. Тоа е навистина е убаво да се слушне, затоа што така ние сме побезбедни“, подвлече Марфи.

Извор: МИА

- Реклама -