„Нема Македонец кој не се срами од додворувањето на Заев кон бугарската влада на штета на македонските интереси. После вакви антидржавни ставови оставката е неминовен чекор“, порачуваат денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозицијата реагираа и на денешните „образложувања“ што премиерот, одговарајќи на новинарски прашања, ги даде во однос на неговото вчерашно интервју кое предизвика реакции и ширум регионот, а не само во државава.
„Зоран Заев е најсрамното нешто што и се случило на државата, наместо извинување тој продолжува со Заевизам“, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ. „Како што Заев вели дека ‘никој не ги прашал Бугарите за фашизмот’, никој не ги прашал ниту Македонците за неговите срамни изјави во однос на историските факти кои тој на бугарски медиум ги изобличи“, посочуваат од партијата.
Премиерот Заев денеска изрази жалење што неговото интервју предизвикало „негативни емоции“ и целосно разбирање за реакциите, но застана зад своите искажани ставови кои, според него, се темелат на факти. Една од главните негови пораки во обраќањето беше дека не може да му се дава етничка димензија на фашизмот:
„Постојат факти коишто можат да ги потврдат сите, а тоа е дека Царска Бугарија 1941 година застанува на страната на Тројниот Пакт на фашизмот. Во тие моменти никој не ги прашал Бугарите на референдум, ниту некој ги прашал каква е нивната определба за да можеме денеска цела Бугарија да ја оквалификуваме како фашистичка. Тоа не е пријателство, тоа не е европски. Зарем заборавивме дека и во нашата Македонија и тогашна Југославија имаше соработници на окупаторите, на фашистите, домашни предавници. Тоа не ги прави ниту денешните Германци, Италијани, Бугари, Јапонци или слично, фашисти. Европа ги реши прашањата на европски начин, треба и Балканот да ги реши прашањата на европски начин , ако сака да продолжи кон Европа“, рече Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа, бараат и премиерот да објасни како тој ги придвижува работите во односите со Бугарија, кога, како што велат, не штити ниту еден единствен државен и национален интерес и распродава сѐ што е свето за нацијата.
„Заевизмот е појава на безкичменост, пластелин кој се прилагодува и ја уништува сржта на македонскиот народ. Заев е должен да каже дали доби поддршка од некој фактор во државава или пак воопшто внатре во СДСМ за овие негови ставови? Ќе се извини ли за тоа што гази врз коските на илинденците и партизаните?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, лидерот на партијата – Христијан Мицкоски, испрати уште еден повик до граѓаните да се придружат на, како што потенцираат од опозицијата, надпартискиот протест, кој ќе започне од 18 часот пред СЦ „Борис Трајковски“, а ќе продолжи пред Владата.
„Денеска имаме можност сите ние заеднички да се обединиме против овие капитулантски политики и да покажеме дека кога било најтешко македонскиот народ, заедно со своите сограѓани, застанал во одбрана на сопствената држава“, порача Мицкоски.