Заев жали и ги разбира реакциите, но порачува: Дајте да живееме денеска!

Премиерот Зоран Заев денеска изрази жалење што неговото интервју за бугарската БГНЕС предизвика толку силни негативни емоции и изјави дека целосно и до детал ги разбира негативните реакции.

Но, истовремено, Заев истакна дека тој има обврска да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Унија. Освен тоа, Заев порача и дека е неприфатливо да му се даваат етнички карактеристики на фашизмот и цела Бугарија да ја оквалификуваме како фашистичка.

„Царска Бугарија во 1941 година застанува на страната на Тројниот пакт на фашизмот. Во тие моменти никој не ги праша Бугарите на референдум каква е нивната определба за да можеме цела Бугарија да ја оквалификуваме како фашистичка. И во нашата Македонија имаше соработници на фашистите, домашни предавници. Европа ги реши прашањата на европски начин, време е и Балканот да ги реши прашањата на европски начин. Да простиме, но да не заборавиме. Окупацијата од страна на фашизмот била присутна насекаде низ Европа и низ светот и тоа не е причина да велиме цел еден народ дека е окупатор, затоа велам администрација, затоа што тогашното раководство на царска Бугарија се приклучила на тројниот пакт. Но, денеска да зборувате за фашистичка Бугарија или фашистичка Германија, тоа не е поглед кон иднината. Прашањето е дали ги користиме вистинските зборови за да градиме иднина“, рече Заев.

„И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување. Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат. Заради иднината. Заради заедничката иднина во Европската Унија која е пример како во име на иднината, најдлабоките разлики и историски конфликти беа оставени во минатото. Тоа е мојата најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапувам додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите“, додаде премиерот.

Одговарајќи на низата новинарски прашања, Заев ги потврди антифашистичките темели на нашата држава:

„Нашата државност почива на делата на антифашизмот. Нашата слобода е резултат на антифашизмот. Македонскиот народ ја оствари својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија и го оствари својот вековен идеал за своја држава со АСНОМ-ска Македонија. АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет“, рече тој.

Сепак, истакна, давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо. Дали било тоа во бугарски или било кој друг контекст.

„Темните страници од балканската и европската историја не треба да бидат пречка за развивањето на добрососедските односи на Балканот и Европа.

Иако постои затоплување на односите меѓу Југославија и Бугарија по учеството на бугарските армии во борбата против фашистите, по 1948 година факт е дека постоеше ‘железна завеса’ помеѓу Југославија и Бугарија и сериозни историско-политички конфликти околу ‘македонското прашање’. Денес треба да работиме на отстранување на последиците од ‘железната завеса’ кои сѐ уште се осеќаат меѓу Северна Македонија и Бугарија“, рече Заев, па порача:

„Историјата треба да нѐ учи дека можеме и поинаку, дека можеме и подобро, дека треба да соработуваме, но и меѓусебно да ги почитуваме разликите помеѓу нас. Само со почитување на разликите и заедничка борба против говорот на омраза и нетолеранција во македонското и бугарското општество можеме да градиме добрососедски односи и заедничка иднина.

Ако не ги признаеме слабостите на историјата, не можеме да градиме заедничка иднина. Нам ни треба историја која гради мост на пријателство меѓу народите, преку глава ни е од истории кои создаваат раздор и поттикнуваат нетрпеливост. Дајте да живееме денеска. Време е да создаваме историја која создава иднина за младите и за идните генерации“.

Прашан за отстранувањето на дваесетина спомен-плочи на кои пишувало „бугарски фашистички окупатор“, за што самиот „се пофали“ во вчерашното интервју, премиерот Заев истакна дека плочи биле отстранети на многу места на целата територија на државата, главно во надлежност на општините, а во согласност со Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија од 2017 година.

„Во дел од плочите каде што пишувало ‘бугарска фашистичка рака’ или ‘бугарски фашистички куршум’ е оставено ‘фашистички куршум’, ‘фашистичка рака’. Затоа велиме, да не заборавиме, но низ простувањето да внимаваме“, рече Заев.

- Реклама -