„Коалиционите апетити на власта повторно избиваат на штета на обичните граѓани, што е воочливо од заглавениот процес за издавање лични карти речиси два месеца. Поради експлицитната неспособност на СДСМ и незјините криминални договори за тендерски провизии, населението подолг период се соочува со недостаток на свидетелства, пасоши, регистарски таблици и лични карти – што ги доведе граѓаните во ситуации да бидат враќани од граница и од институции поради комплетната нефункционалност на системот“, велат од Левица.
„Премиерот Заев и неговиот ресорен министер Спасовски, во нивните манири на крими вообразеност и неказнивост, свесно и намерно извршиле кривично дело преку предвремена промена на софтверот за издавање лични карти со неуставното име на државата, без усвоен закон! Дополнително, за да го оствари коалициониот договор со БЕСА, чии пратеници – спротивно на волјата на народот – гласаа за промена на уставното име под услов вметнување етничка припадност во личните карти, премиерот сега манипулира и се обидува, на штета на сите граѓани, насилнички да вметне примитивни етно-трибалистички категории кои се без преседан и непостоечки во сите европски држави, а кои се изрично забранети во ЕУ!“, се вели во соопштението.
Од Левица потенцираат дека „спречените екстремно штетни законски измени“, со амандмани од пратениците на Левица, воопшто не се однесуваат на постапката за издавање на личните карти, бидејќи, како што велат, личните карти ги издава Министерството за внатрешни работи согласно член 3 од постоечкиот Закон за личната карта, кој и натаму е во потполна правна сила. Спречените измени на овој закон воопшто не задираат во овие два члена и во останатите одредби од законот кои се однесуваат на постапката околу издавањето на личните карти. Следствено на тоа, произлегува дека МВР со ништо не е оневозможено да ги издава личните карти, исто како и досега, велат од партијата.
„Законските норми се јасни и истите предвидуваат дека додека не се донесе новиот закон, во сила е постоечкиот и актуелно важечки Закон за лични карти, по кој институциите се должни да постапуваат, без оглед на коалициските договори на владејачката клика! Бидејќи со незаконската измена на софтверот за издавање лични карти, без закон кој формално стапил во сила, извршено е флагрантно кривично дело кое се гони по службена должност, правниот тим на Левица во наредните денови ќе поднесе и соодветна кривична пријава против министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски за злоупотреба на својата службена положба, кој уште еднаш демонстрира дека неказнивоста, неспособноста и корупцијата вирее токму во највисоките ешалони на власта“, најавија од Левица.