Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, ја пофали необичната интервенција на германскиот канцелар Олаф Шолц на самитот на ЕУ оваа недела, со потегот што го овозможи почетокот на пристапните преговори за Киев кон членството во ЕУ, јави ДПА.
„Тоа што канцеларот Олаф Шолц го направи на самитот за да ја отстрани заканата од унгарско вето, ќе остане запишана во историјата како чин на германското раководство во интерес на Европа“, изјави Кулеба за весникот „Билд ам Зонтаг“.
Украинскиот министер уште додаде дека „можам само да се надевам дека ова значи и поширок и неповратен пресврт во односот на Германија кон водечките напори за решавање на најкомплицираните прашања“.
Спорот околу почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ со Украина беше во ќорсокак до самиот почеток на самитот, бидејќи Унгарија ги блокираше преговорите.
Шолц на самата средба предложи премиерот Виктор Орбан привремено да го напушти состанокот за да им овозможи на другите шефови на држави и влади да го постигнат потребниот консензус.
Ова значеше, објаснува ДПА, дека унгарскиот лидер можеше да го задржи својот став за преговорите, што самиот ги опиша како „целосно бесмислени“, без притоа и да ги блокира.
Од своја страна, Шолц по самитот изјави дека дипломатското лукавство било изведено „со взаемен договор во согласност со нашите правила“, но додаде дека „тоа не е нешто што секогаш треба да се прави“, пренесе германската агенција.