Ќучук: Северна Македонија нема друг пат освен да биде дел од Европската унија

„Северна Македонија нема друг пат освен да биде дел од Европската унија. Северна Македонија нема друг пат освен добрососедството. И Бугарија и Северна Македонија и Грција и Романија се мали за да имаат сопствена улога во големата геополитика. Единствено со членство во сојузи, барајќи пријателства и добрососедство и проширување на своите контакти во економијата, во политиката, во образованието, во културата, може да направиме големи постигнувања“, рече бугарскиот европратеник и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, одговарајќи на новинарско прашање во врска со последните резулатите од анкетата на ИРИ за расположението на Македонците кон ЕУ и  внесувањето на Бугарите во Уставот.

Ќучук, кој денеска дојде во Струмица за да го збратими градот со бугарскиот град Крџали заедно со градоначалниците Костадин Костадинов и Хасан Азис, рече дека ги почитува ставовите на македонските граѓани доколку процениле дека таква е актуелната политичка ситуација, но потенцираше дека политичарите играат важна улога за тоа како размислува едно општество.

„Ако патот на Северна Македонија е во ЕУ и сите работиме на тоа и тежнееме кон тоа, тогаш јас мислам дека проевропските сили треба да соберат во себе поголема храброст и да продолжат со реформите за пат кон ЕУ. И затоа мојот апел до политичарите во Северна Македонија е нека спорат за економијата, за здравство, за пензии, за плати, но кога станува збор за приоритетите на земјата-НАТО и ЕУ, тогаш тие за мене се неспорни работи“, рече тој.

На новинарско прашање околу тоа што македонски граѓани (со бугарска самосвест) се жалеле во бугарското Собрание за кршење на правата за слобода на изразување, додека во исто време бугарските културни клубови во земјава не ја почитуваат одлуката на македонското собрание за промена на имињата, Ќучук не одговори директно, туку истакна дека има многу позитиви меѓу двете земји и повика на подобро запознавање и градење на доверба меѓу двете општества.

„Јас сметам дека патот за продолжување напред е доборососедството и пријателството, со почитување на различностите и барање начин како да ги надминеме сите пречки кои ни сметале во минатото. Нови патишта, нови можности можат да бидат побарани само со многу желба. Ако човек сака да го види лошто, тогаш ќе го види. Ако сака да го види доброто – ќе го види. Морам да ви кажам дека има многу иницијативи меѓу бугарски и македонски универзитети, меѓу училишта, сите тие го посетија Брисел. Јас сум да се изгради взаемна доверба меѓу двете општества. Големиот проблем е во тоа што бугарското и македонското општество не се познваат добро. Кога има непознавање, тогаш не можеме да говориме за взаемно уважување“, рече Ќучук.

На дополнително прашање дали може да се надминат проблемите со бугарските клубови, Ќучук, повторно избегнувајќи директен одговор, одговори со фразата дека „Балканот има повеќе историја, отколку што може да поднесе“.

„Ако еден ја прочита историјата, друг треба да ја прочита иднината. Ние живееме денеска и сме актуелни политичари, бугарски, македонски, европски. Ја имаме одговорноста да ги пренесеме двете земји во ЕУ“, додаде бугарскиот европратеник и известувач за Македонија во Европскиот парламент.

Извор: МИА

- Реклама -