Претставници на бугарските клубови во Охрид, Битола и Прилеп биле сослушани во бугарската Собраниска Комисија за политики за Бугарите надвор од Бугарија, објави БНТ.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, тие се пожалиле на систематско кршење на правото на слободно изразување и етничко самоопределување на граѓаните со бугарска самосвест во земјава и побарале сериозно следење и поактивна помош од Бугарија и нејзините европратеници во Брисел.
Претседателот на Парламентарната комисија во 48. Народно собрание, Костадин Костадинов од „Преродба“, ги запознал со текстот на писмото што го подготвил до вршителот на должност премиер на Бугарија, Галаб Донев, со детално објаснување за проблемите на Бугарите во земјава и со инсистирање на средба. Заменик-претседателот на Комисијата, Елисавета Белобрадова од „Демократска Бугарија“, изјавила дека ќе се подготви детален извештај на оваа тема и ќе биде доставен до Европската унија.
Извор: МИА