Кремљ: Путин нема да ја убедува Белорусија да се приклучи во судирот со Украина, тоа се глупости

Кремљ ги отфрли шпекулациите дека целта на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Минск е да ја убеди Белорусија, која штотуку ја тестираше подготвеноста на своите воени сили, да се приклучи во конфликтот во Украина.

Таквите предлози се „неосновани“ и „глупави“, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Пред првата посета на рускиот претседател Владимир Путин на Минск по повеќе од три години, белоруското Министерство за одбрана објави дека извршило серија проверки на подготвеноста на своите вооружени сили.

Неделните воени вежби и проверки ги зголемија стравувањата во Украина дека Белорусија, откако ѝ дозволи на Русија да изведува воени акции од нејзина територија, се подготвува за поактивна улога во конфликтот.

Руската јавна телевизија го прикажа Путин како излегува од авионот и беше срдечно пречекан од Лукашенко. Според најавеното, разговорите ќе започнат во широк формат каде ќе учествуваат шефовите на држави и членови на владите на двете земји. Претседателите потоа ќе ги продолжат разговорите во потесен формат во кој ќе учествуваат и министрите за одбрана, по што е закажана прес-конференција.

Прочитајте и:  Орбан: Опасноста од ескалација на војната никогаш не била поголема

Агендата на разговорите вклучува цела низа билатерални односи, вклучувајќи трговска и економска соработка и спроведување на сојузничките програми.

Според Лукашенко, разговорот ќе биде фокусиран на воено-политичката ситуација во двете земји, прашања од воено-индустрискиот комплекс, безбедносните и одбранбените капацитети, а планирано е да се разговара и за гасот. Дополнително, ќе се разговара за актуелни меѓународни и регионални теми.

Викендов, белорускиот претседател уверуваше дека интензивирањето на соработката со Русија нема да ја наруши сувереноста на Белорусија, потенцирајќи истовремено и дека никогаш нема да се свртат против Русија.

Рускиот лидер последен пат ја посети Белорусија во јуни 2019 година.

Во Киев денеска имаше серија руски напади со дронови кои ја оштетија „виталната“ инфраструктура, неколку часа пред доаѓањето на Путин.

Извор: МИА

- Реклама -