Кравињо не очекува билатерални блокади од Бугарија во текот на преговорите, за него ова прашање е заокружено

„Португалија е тука и понатаму да ја поддржува вашата земја во текот на целиот процес на пристапување кон ЕУ, можете да сметате на нашата политичка, техничка и друга поддршка. Сметаме дека пристапувањето на Северна Македонија е од суштинско значење не само за Северна Македонија и регионот, туку и за ЕУ и ние сме убедени во ова и ќе ве поддржиме на секаков начин“, изјави шефот на португалската дипломатија, Жоао Гомес Кравињо, на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот македонски колега Бујар Османи.

Кравињо не очекува дека во текот на преговорите на земјава со ЕУ повторно ќе има билатерална блокада од Бугарија, што за него, е заокружено прашање. Во одговор на новинарско прашање во што беше подобрен португалскиот предлог, вели дека во политиката целта не е да се постигне се, туку она што е возможно.

„Вложивме многу напори во текот на нашето претседавање да составиме еден предлог со кој сакавме да биде прифатен. Што го прави францускиот предлог подобар? Во политиката целта не е да се постигне се, туку она што е возможно. Ако погледнете над хоризонтот, а не да се сконцентрирате само на моменталните случувања. Затоа оддавам признание на македонското раководство за надминување на потешкотиите и што го помрдна процесот напред. Направен е многу важен чекор напред. Веруваме дека договорот кој е постигнат е договор којшто овозможува почеток на процесот на скрининг што е доста интензивен и технички има две фази. Првиот е објаснувачки скрининг, ЕК ги објаснува различните фази односно аспекти на законодавството, потоа следува билатералниот скрининг кога се утврдуваат јазовите во законодавната рамка на Северна Македонија“, рече Кравињо.

Значи почнува овој скрининг процес, потоа ќе се одржи втората меѓувладина конференција веднаш штом ќе заврши скринингот и штом ќе се заокружат уставните измени, додаде тој.

Кравињо оцени дека сите земји имаат тешки моменти во текот на преговорите, но дека и во случајот на Северна Македонија не гледа причина дека ќе има билатерални блокади.

„Мислам дека е од суштинско значење во меѓународните односи, во меѓународната политика да веруваме на дадениот збор на ставениот потпис на преземената обврска. Билатералното прашање за кое поинтензивно разговараат Северна Македонија и Бугарија е заокружено. Има заклучок, заокружувањето на тоа прашање беше обележано со меѓувладината конференција на 19 јули. Не очекувам ова прашање повторно да се покрене. Не гледам причина зошто би се покренало истото прашање. Како што кажав, верувам кога нашите партнери, колеги, други земји и кога ќе дадат збор, кога ќе потпишат документ дека ќе го исполнат. Така функционираме внатре во ЕУ затоа што во рамките на ЕУ интензивно соработуваме меѓусебно, но и со земјите кандидати за најразлични прашања. Ако почнат блокади без оглед на тоа што е договорено ќе се парализира целото функционирање“, истакна Кравињо.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Тој упати честитки до македонската Влада за, како што рече, историскиот настан што се случи на 19 јули, и притоа повтори дека во текот на португалското претседателство со ЕУ вложоле многу напори да се создадат услови да се стигне до овој момент, меѓутоа во текот на нивното претседавање ова не било возможно, но подоцна со елементи од нашиот предлог стигнале до овој историски момент.

Кравињо истакна и дека Португалија и Северна Македонија во следните месеци треба да се сконцентрираат на развивање на билатералните односи, кои, вели, во политичка смисла се одлични, но треба да се јакнат и контактите меѓу граѓаните, економската соработка, како и соработката во областа на образованието.

Османи од своја страна се заблагодари за континуираната португалска поддршка на нашиот европски пат, потенцирајќи дека земјава останува силно посветена на реформските задачи што ќе треба да ги исполниме во текот на преговорите и на градењето добрососедски односи како влог во нашата европска иднина.

„Посетата доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на ЕУ. Долгогодишните разочарувања, пречки и блокади ги претворивме во дополнителен предизвик кој ни овозможи со аргументи, истрајност и верба во добрососедските односи, да дојдеме до решение за отпочнување на преговори за членство. Искрено верувам дека овој процес дополнително ќе ги стимулира и мобилизира сите чинители во државата, заеднички да работиме посветено на нашето реформско досие, имајќи предвид дека евро-интеграцијата е суштински кохезивен елемент на нашето општество. Се согласивме дека отворањето на пристапните преговори ќе донесе повеќекратна корист – за Северна Македонија, за регионот, но и за кредибилитетот на ЕУ во насока на довршување на процесот на европското обединување“, рече Османи.

И тој е согласен дека, и покрај одличните политички односи, за жал сѐ уште немаме потпишано билатерални договори со Португалија, а трговската размена, како што рече, е под одличното ниво на политичките односи.

Двајцата шефови на дипломатии разговараа и за меѓусебната поддршка во мултилатералните организации, а беа разменети мислења и за актуелни меѓународни прашања, со акцент на состојбата во Украина.

Извор: МИА

- Реклама -