Анализите на Министерството за економија за евентуалната можност за поголема заштеда на електричната енергија преку продолжување со летното сметање на времето, се во тек и би требало да бидат готови до крајот на неделата, изјави министерот за економија – Крешник Бектеши.
„Анализите се прават и најверојатно до крајот на неделата ќе бидат подготвени, по што одлуката треба да се донесе до крајот на месецот, согласно законот“, изјави Бектеши одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција на која беше најавен почетокот со работа на соларната електрана со капацитет од 17 мегавати лоцирана во светиниколско Амзабегово.
И премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека во моментов, односно сѐ додека не ги види анализите, не би можел да каже каква одлука ќе се донесе по ова прашање.
„Ќе видиме дали ќе продолжиме со летното сметање на времето или како досега ќе ја направиме промената. Во моментот не можам да ви кажам, би сакал да ги видам анализите. Во моментот повеќе има (аргументи) про оставање на летното сметање на времето, но да ги видиме сите детални анализи и потоа ќе донесеме одлука“, рече Ковачевски.
Ваквата идеја ја коментираше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој денеска, ден по оние на Владата, предложи сет мерки за енергетската и економската криза. Според Мицкоски, останувањето на летното сметање на времето нема да има големо значење, односно ќе смени не повеќе од 2 до 3 проценти од вкупната слика на состојбата во државата, што, според него, не е доволно, за разлика од мерките кои тој ги предлага.
„Не мислам дека ќе смени повеќе од два до три проценти од вкупната слика. Тоа не е доволно, доволно е ова што го зборувам. Ова нека го прифатат, нека аплицираат, нека го стават на хартија, нека пресметаат и нека им помогнат на компаниите. Тие ќе бидат благодарни… Ако крахира економијата ќе нема пари во Буџетот, ќе нема ни за образование, ќе нема ни за здравство, ни за земјоделците, ќе нема за никого. Затоа е многу важно да го одржиме бизнисот здрав. Многу е важно компаниите да ги одржиме во кондиција. Затоа ова го предлагам“, рече Мицкоски.
Министерството за економија вчера доби задолжение од Владата да ги разгледа можностите околу евентуалното продолжување на примената на летното сметање на времето, со цел дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија.
Зимското сметање на времето почнува од последниот викенд во октомври, со што стрелките на часовникот се поместуваат за еден час поназад.