Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Драган Ковачки, повика уште еднаш да се прегледа преводот на изјавата на германскиот канцелар Олаф Шолц, бидејќи, според ВМРО-ДПМНЕ, била пренесено погрешно. Ова Ковачки го истакна на новинарско прашање за изјавата на Шолц, која некои ја пренесоа во контекст дека германскиот канцелар гарантира дека нема да има нови условувања за пристапните преговори на државата. Според најголемата опозициска партија, Шолц не го рекол тоа.
„Ве повикуваме уште еднаш да го погледнете преводот на изјавата, цениме дека е направена грешка во преводот, намерна или не намерна од службите.
Изјавата на канцеларот Шолц е дека не треба да има нови условувања, што секако е и наш партиски став, меѓутоа тоа не се гаранции дека нема да има нови условувања“, рече Ковачки.
Сепак, тој посочи на претходните искуства и посочи дека дури и кога Шолц навистина би „гарантирал“, тоа не е гаранција дека нови барања ќе нема.
„Искуството покажува дека дури и да има таква изјава… потсетуваме дека беа безбројни изјавите, тапшањата по рамо и по договорот од Нивици, после што Македонија не доби ништо и сѐ уште е во чекалницата на Европската унија“, заклучи Ковачки.
За разлика од гаранциите на Шолц, кристално јасна беше пораката од бугарскиот претседател Румен Радев, кој во писмото до ЕУ лидерите не зборува за „нови барања“, туку за сет услови кои според него веќе се прифатени од Македонија како и од ЕУ, а од кои уставните измени се само дел.