Внесувањето на Бугарите во Уставот е само прелиминарен, а не и последен и конечен услов на Бугарија за да даде зелено светло за членство на Македонија во ЕУ, порача бугарскиот претседател Румен Радев во писмо испратено до европските лидери, соопшти неговиот кабинет.
Во писмото, Радев вели дека „отсекогаш ја изразувал и бранел принципиелната позиција на Бугарија за постојана поддршка на европската интеграција на Северна Македонија – земја блиска до нас, со која споделуваме заедничка историја, традиции и традиции и културното наследство“.
Истовремено, бугарската држава отсекогаш ги истакнувала главните принципи на кои се заснова процесот на проширување на ЕУ – оние на сопствените заслуги и исполнувањето на критериумите за членство преку сеопфатни општествено-политички реформи, тврди Радев.
„Затоа, со оглед на сложениот историски товар на нашиот регион, во овој процес посебен фокус има прашањето за почитување на принципите на добрососедство и човекови права“, додава бугарскиот претседател.
Според него, настаните во последниот период (алудира на случувањата кај нас во Македонија) покажува „опипливо повлекување од воспоставениот пат“.
„Наоѓањето на компромис прифатлив за двете земји, постигнат од Европскиот совет во јули годинава, сѐ уште не доведе до решение на проблемите“, реагира Радев.
„Скопје наместо да работи на исполнување на условите, повторно се обложува на активно лобирање за прикривање на недостатокот на политичка волја за исполнување на критериумите за членство. Се интензивираат нападите и јазикот на омраза кон Бугарија, се воведуваат ‘црни списоци’ за забрана за влез на бугарски државјани, се газат правата на бугарската заедница – случаите на физичко насилство, административно и судско малтретирање на луѓе со бугарска самосвест зачестуваат, палења и пукања врз нивните културни клубови, постојани закани за нивните работни места само затоа што се Бугари. Оваа атмосфера во голема мера го попречува развојот на трговските, економските и културните врски меѓу двете земји“, пишува Радев во писмото.
Тој ја коментира и резолуцијата на германскиот Бундестаг, за која вели дека е „пример за наметнување на главниот наратив на политичките кругови и медиумите во земјава“, во кој, како што пишува Радев, „доминира тезата дека Бугарија не го прифаќа современиот идентитет на Северна Македонија“.
„Сепак, факт е дека Бугарија никогаш не го оспори правото на граѓаните на Северна Македонија да го дефинираат својот модерен идентитет и да го нарекуваат својот службен јазик како што сакаат. Бугарија само реагира на обидите да се изгради идентитетот на земјата на антибугарска основа и со присвојување на бугарската историја, слично на опседнатоста на Скопје со античкиот период до потпишувањето на договорот со Грција во 2018 година“, пишува Радев во писмото.
Радев го адресира и делот во резолуцијата на Бундестагот во кој се повикува Бугарија да не поставува дополнителни услови за членство на Македонија во ЕУ. Вклучувањето на Бугарите во Уставот е само прелиминарен услов за почеток на преговорите за членство и не ги исцрпува условите што треба да ги исполни земјава, категоричен е Радев во писмото.
Во оваа насока, тој во текстот посочува дека во заклучоците за проширување од јули 2022 година, Европскиот совет потсетил на важноста од постигнување опипливи резултати и совесно спроведување на билатералните договори со Грција и Бугарија, како и записниците од заедничките состаноци на меѓувладината комисија од чл. 12 од Договорот за пријателство со Бугарија.
„Во двата досега потпишани протоколи се поставени важни конкретни заложби, како откажување на РСМ од говорот на омраза кон Бугарија, промена на содржината на учебниците во општиот образовен систем, ставање крај на дискриминацијата на граѓаните кои се идентификуваат како Бугари, декласифицирање на архивите на југословенските тајни служби поврзани со погромите врз бугарското население во Северна Македонија“, наведува Радев, додавајќи дека „за жал, за овие прашања досега ништо не е направено од страна на Скопје“.
„Индикативен е и случајот со изготвениот извештај на Европскиот парламент за извештајот на ЕК за РСМ за 2022. Во интервјуто на 23 мај, министерот за надворешни работи на РСМ јавно изјави дека имал контакти со европратеници од Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент и влијаел на нацрт-текстот на извештајот, директно учествувајќи во процесот на изработка на нацртот со писмени предлози. Никогаш досега не ѝ било дозволено на земја кандидат за членство да има вакво влијание врз работата на европските институции. Друг пример за лобирачката политика на Скопје е најавата на шефот на дипломатијата дека другите земји членки имаат намера да излезат со декларации слични на резолуцијата на германскиот Бундестаг“, тврди Радев, констатирајќи дека таквиот пристап не е во прилог на европската перспектива на земјава.
На крајот, Радев изразува уверување дека Бугарија и другите ЕУ членки можат со заеднички напори да ги поддржат интегративните процеси на земјава, со фокус на постигнување на критериумите за членство, но и, како што вели, „со посебен акцент на човековите права и принципи на добрососедство“.