Ковачевски за обвинувањата кон Османи: Она што го прави ВМРО-ДПМНЕ е една од низата хистерии што ги шират во општеството

Она што го прави опозицијата е една од низата на хистерии кои што сака да ги шири во општеството, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски за обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ кон министерот за надворешни работи Бујар Османи дека го прекршил Законот за јазици со тоа што говорел на албански јазик на официјални средби.

„Прво, од Министерството за надворешни работи бараат извинување од партијата која што тоа го пласираше. Денеска, министерот за информатичко општество се обрати и на албански и на македонски јазик. Јас честопати на меѓународни настани се обраќам и на македонски и на англиски јазик. Сметам дека она што го прави опозицијата е една од низата на хистерии кои што сака да ги шири во општеството. Прво, до пред некое време главна тема беше дека ќе сме се бугаризирале и асимилирале и дека ќе немало македонски јазик. Откако го потпишавме Договорот од ФРОНТЕКС на македонски јазик со сите други јазици на Европската унија, таа тема гледам дека не ја употребуваат, иако воопшто не влегуваа ниту да го гласаат договорот. Кога една година по изгласувањето на заклучоците по францускиот предлог во Собранието и отпочнувањето на преговорите со ЕУ, ние сме Македонци со наш заштитен македонски идентитет потврден и од ЕУ и од сите претставници на ЕУ кои што доаѓаат тука и гледам дека и таа тема ја нема“, рече Ковачевски, кој во Владата заедно со министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу одржаа прес-конференција на тема дигитализација.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Каранфилова Пановска е уште една продолжена рака на Заев во СДСМ

Според него, опозицијата сега се вратила на, како што рече, „тоа што најдобро го знае – подгревање на етничките тензии во државата“.

„Ако погледнете 11 години кога биле на власт, тоа беа темите – или беа конфликтите со соседите или конфликти внатре. Одговорот на Министерството за надворешни работи е соодветен на тоа што беше направено на празник Велигден“, рече Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ побара кривична одговорност за Османи и ги повика надлежните органи веднаш да поведат постапка, обвинувајќи го шефот на дипломатијата дека во својство на министер за надворешни работи на меѓудржавна средба со шпанскиот колега не го користел македонскиот јазик како официјален јазик на државата.

МНР, пак, денеска на ВМРО-ДПМНЕ ѝ даде рок од 24 часа да се извини.

Извор: МИА

- Реклама -