Ковачевски: Влегов директно во огнот за побрзо да испорачам резултат, направивме голем успех за државата

„Ниту еднаш, во било која прилика, дома или во странство, не ја користевме кризата како алиби, како оправдување во нашата работа, напротив, влеговме директно во огнот, за да испорачаме резултат“, изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешната голема партиска трибина на СДСМ во Скопје под мотото „Силно и одлучно кон иднината“.

„Нашиот масовен собир го одбележува и мојот едногодишен мандат како претседател на СДСМ, заедно со новото централно и локални раководства. И тогаш, и во сите мои настапи, дали дома или во странство сеедно, така и сега, ќе бидам истиот. Како што ветив, како што работам! Ќе зборувам искрено, директно, без калкулации, без флоскули, како човек, и со разум, но и со многу емоции! Поинаку не знам, ниту сакам! Ја започнав оваа година, во многу сложени и тешки услови! Се нафатив, ме избравте, преземав обврска да го водам СДСМ по поразот на локалните избори! И денес, иако не морам, сакам да повторам! Ја започнавме годината со јасна визија и обврска. Одлучивме да се менуваме, да бидеме подобри и поуспешни, не за себе, туку за граѓаните и државата. Од првиот момент, ниту јас, ниту моите колешки и колеги, не застанавме на тој пат ниту еднаш! Посветено, чесно и целосно се внесовме во спроведувањето на нашите обврски и ветувања! Единствено по принципот ветено-спроведено, кажано-извршено!“, рече Ковачевски.

„Влеговме директно во огнот, на сите стари, но и на нови фронтови, дома и надвор, со единствена цел – како подобро, поефикасно, побрзо и одржливо да испорачаме решенија, мерки, одржливи политики за подобра сегашност и иднина.

Вечерва сме сите тука, во огромен број, за да ја потврдиме, да ја зацврстиме нашата обврска кон граѓаните, да ја зајакнеме нашата одговорност за подобра и посилна држава“, истакна лидерот на СДСМ.

Прочитајте и:  СДСМ се враќа во форма, кризата од изборите е надмината - вели Филипче

Многумина му рекле, рече Ковачевски, да се откаже и „да дигне раце“, бидејќи „ЕУ не нѐ сака нас“, но одлуката ја донел, подвлече, бидејќи знае дека може и бидејќи е најдоброто за државата.

„За првпат пред сите ќе го кажам тоа што го знаат моите најблиски соработници и моето семејство: Moже да успееме, да бидеме Македонци и како такви да седиме на големата маса во Брисел. Кој не мисли во такво нешто, нека се тргне на страна. Јас одлуката ја донесов бидејќи знам дека е најдобрата за државата и да треба пак да ја донесам, пак ќе ја донесам. Знаев и знам дека историја не се препишува, историја не се зема, јазик не се брише или укинува, традиција не се измислува или се преиначува. Тогаш велев и сега велам – зар со документи, изјави, пресови или настапи на маргинални политиканти мислиме дека некој може да загрози нешто што е создавано со векови? Нема да биде лесно на патот, ќе има болни реформи и уште тешки одлуки, но на крајот на секој тежок пат е големата награда, а во нашиот случај е полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ“, рече тој.

„Со седење дома и криење под кревет не се прави држава“, порача, исто така, лидерот на СДСМ и премиер на Владата.

„Македонскиот јазик, историја и традиција се загарантирани и сигурни. Тие се темел во европската куќа како дел од традицијата и историјата на Европа. Бидете горди и спокојни на тоа што го направивме. Македонскиот јазик и име се конечно обезбедени и никој повеќе не смее да ги оспорува. Направивме голем успех за државата“, заклучи Ковачевски.

 

- Реклама -