Ковачевски: Уставните измени се наше внатрешно прашање, Бугарија може да го следи процесот преку медиумите

Процесот на уставни измени е внатрешно прашање на Република Северна Македонија и обврска поврзана со пристапните преговори со Европската Унија, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во врска со „желбата“ на Бугарија да учествува и да биде консултирана во процесот на впишување на Бугарите во земјава во Уставот и изготвувањето на амандманите.

„За барањето на Бугарија во однос на нивното учество веќе се произнесе министерот за надворешни работи и јас целосно се согласувам со неговата изјава. Тоа е дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на Република Северна Македонија, што е обврска поврзана и со пристапните преговори со ЕУ“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека станува збор за одлука која е исклучиво во надлежност на Министерството за правда, на политичките партии и на Собранието.

„Не постои ниту можност, ниту политичка волја, ниту начин кој било друг однадвор да биде вклучен во овој процес“, подвлече премиерот.

За изјавата на бугарскиот технички министер за надворешни работи Николај Милков, Ковачевски изрази сомнеж дека можеби изјава „не е дадена во вистински контекст“.

„Меѓутоа сите заинтересирани страни ќе можат да го следат тој процес преку медиумите, бидејќи и медиумите ќе бидат вклучени во самиот процес кој, како што кажав, ќе започне во стручната комисија во Министерството за правда, во која што ќе бидат повикани експерти“, порача Ковачевски.

Веќе и политичките партии се повикани да делегираат свои претставници, а потоа ќе се оди на расправа пред нивните организации, бизнис заедницата и медиумите, и токму преку медиумите ќе можат сите да се информираат, посочи тој, повторувајќи, уште еднаш, дека одлучувањето (за уставните измени) е исклучиво во надлежност на македонските институции.

Извор: МИА

- Реклама -