„Првиот чекор кон нашата европска иднина е направен, а нашиот тридецениски сон е на дофат. Денеска е денот кога почнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја. Поглавје на забрзан развој, просперитет и стабилност“, порача премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата по првата Меѓувладина конференција во Брисел.
Според премиерот, за реализација на оваа стратешка цел, донесени биле тешки одлуки кои барале лидерство и храброст, мудрост и одговорност.
„Граѓаните на Северна Македонија се најзаслужни за денешниот ден. Тие не се предадоа пред ниту еден предизвик, пред планини тешки отстапки и компромиси за да го исполнат својот сон за припадност во европското семејство. Ние решивме да се соочиме со сите наши стравови и да донесеме храбри одлуки за иднината, а не да останеме заложници на минатото“, рече Ковачевски.
Според него, донесени се патриотски одлуки во интерес на иднината на нашите деца и државата.
„Не постои поголем патриотизам од јасната визија и план за иднината, залагањето за просперитетот на државата и сите граѓани. Ја донесовме и конечната одлука со која обезбедивме зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура и посебност“, рече Ковачевски.
Премиерот е дециден дека Европската Унија нè прифаќа како Македонци кои говорат македонски јазик, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите идентитетски, историски и културни особености. Ова, како што рече, е обезбедено засекогаш. Уверува дека за овие нешта ниту се преговара, ниту ќе се преговара.
„Уверен сум дека од овој процес граѓаните ќе излезат како победници, дека сите ние заедно ќе излеземе посилни, постабилни и забрзано ќе чекориме напред кон заедничка поперспективна иднина. Уверен сум дека контиунираната помош која Европската Унија ќе ја обезбеди во наредниот период, ќе овозможи македонските граѓани и економија да добијат конкретна и реална поддршка за европската реалност да ја живееме денес и на вистински начин“, рече Ковачевски.
Нашите стремежи, потенцира премиерот, се европските вредности и принципи на слобода, демократија, еднаковст како и владеење на правото. Ние сме, како што рече, природно поврзани со Европската Унија, а од сега и заеднички ќе се развиваме и ќе го развиваме и регионот.
„Градиме пријателство. Посветени сме кон изнаоѓање заемно прифатливи решенија, затоа и сега гордо стоиме рамо до рамо со нашите партнери во Европската Унија. Делиме исти вредности, а од сега ќе делиме и европска иднина, иднина во која сите наши особености, специфики, традиција, култура, обичаи, ќе бидат автентично наши, македонски, споделени со сите наши пријатели во ЕУ. Тоа е она што и нас и ЕУ ќе нѐ направи побогати“, истакна Ковачевски.
Тој додаде дека Северна Македонија економски, политички и општествено ќе се развива, а граѓаните ќе имаат повисок квалитет на живот со високи стандарди и почитување на законите.
„Време е за обединување, за заедништво, за оптимизам, за верба во подобро утре. Но, пред сѐ, за посветена работа, за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава, и за ефикасно и брзо интегрирање во Унијата. Време е новото сонце на слободата да изгрее и да ни го осветли патот за храбро, посветено и бестрашно да погледнеме кон иднината, и брзо и одлучно да го оствариме нашиот сон. Време е за нови и заеднички победи“, порача Ковачевски.
МИА