Ковачевски до опозицијата: Целта на уставните измени е до 2030-та да станеме членка на ЕУ

„Уставните измени не се прашање на изјава, туку прашање на процедура. Во таа процедура учествуваат сите политички чинители во државата, како што учествуваат партиите од позицијата, така учествуваат и партиите од опозицијата. Учествуваат партии кои што имаат нормално и етнички предзнак, сите тие нормално дека ќе имаат свое видување на уставните измени во однос на тоа што треба да се унапреди во Уставот“, изјави премиерот Димитар Ковачевски вечерва во вестите на „Канал 5“.

„Треба да се разговара, меѓутоа, пред сѐ треба да имаме пред нас визија дека ова го правиме заради побрзо продолжување на патот кон ЕУ со веќе отпочнатите преговори и сѐ со цел Северна Македонија до 2030 година да стане членка на ЕУ“, истакна тој.

Според него, со уставните измени „ќе ја збогатиме нашата држава, нашиот Устав, со внесување на други граѓани од државата коишто сега не се дел од Уставот а кои живеат кај нас“, но и ќе ја „зголемиме општествената кохезија и ќе ја збогатиме нашата заедница со оние кои што тука живеат меѓу нас“.

Прашан дали членството во ЕУ е достижно до 2030 година, Ковачевски повтори дека е рационален оптимист и дека верува, но и работи на остварување на таа цел.

„Сега од нас зависи: колку брзо ќе го завршиме објаснувачкиот скрининг, колку брзо ќе го завршиме билатералниот скрининг, колку брзо ќе ги направиме потребните уставни измени и колку брзо во тие преговори сите заедно – и Владата, и опозицијата, и академската и бизнис заедницата, и невладините организации и медиумите – ќе успееме што побрзо да станеме членка на ЕУ. Доколку сите бидеме фокусирани на остварување на таа цел, тогаш јас сум подготвен да водам и сите заедно до 2030 година да ја оствариме таа цел“, рече Ковачевски.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Со буџетот за 2025 година полициските службеници ќе добијат покачување на платите

Алтернативата на тоа, според премиерот, е да бидеме изолирани и скрани со соседите.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, во реакција по повод интервјуто, одговори дека „за влез во ЕУ не е доволно да се спроведува поданичка политика спротивно на интересите на својот народ“, туку инвестиции и развој, но пред сѐ борба против криминал и корупција, која во Македонија, со Ковачевски како премиер, според нив, ја нема.

На обвинувањата од Ковачевски дека опозицијата лажела дека македонскиот јазик е загрозен, нудејќи го потпишувањето на договорот со Фронтекс како аргумент, од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека јазикот е признаен со децении и дека тоа, како што велат, не е ново постигнување. Напротив, најголемата опозициска партија повторно ја насочи вината кон власта на СДСМ, потенцирајќи дека тоа што македонскиот јазик и народ се загрозени е само вина на СДС и „нивната антидржавна политика“ која, како што велат, почна со Заев, а продолжува со Ковачевски.

„Заев е човекот кој ги наруши Македонските позиции и допринесе Македонскиот идентитет и јазик да бидат оспорувани, со изјавите од типот ‘еден народ, ист јазик’ “, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие особено го критикуваат Ковачевски што не ја поправил Фон дер Лајен кога на заедничката прес-конференција нѐ нарече „Северномакедонци“.

ВМРО-ДПМНЕ потсети и ги повтори нивните обвинувања за функционери кои кријат имот, за аферата „Броило“ и Ковачевски, според нив, како клучна фигура во неа, како и за „нерасчистени убиства и кражби од полициски станици кои остануваат неразјаснети“, но и лоша земјоделска, образовна, здравствена и социјална политика. Со сето ова, порачаа, не се оди во ЕУ.

„СДС нема капацитет да спроведе реформи, ниту има капацитет да донесе раст и развој. Оваа власт мора да си замине“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -