Ковачевски негира дека не се реагира на бугарските провокации: Секогаш реагираме кога се нарушува углед по која било основа

Секогаш се реагира кога има дејствија кога се нарушува углед по било која основа, изјави премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање, прашан зошто властите не реагираат кога се работи за бугарски провокации а од друга страна експресно реагираат за говор на омраза од македонска страна, како што МНР тоа го направи за говорот на омраза на синоќешниот фудбалски натпревар со Бугарија.

„Не е точно дека не сме реагирале, ние секогаш сме реагирале кога има дејствија кога се нарушува углед по било кој основ. МНР реагираше, но реагиравме и на друг натпревар во којшто играа репрезентациите, но сепак сметам дека најдобар начин да се навива е да се бодри сопствениот тим и да се почитуваат противниците. Тоа важи за нас секако, но важи секако и за нашите противници“, рече Ковачевски по настанот за презентација на Проектот за поврзување на локалните патишта.

МНР денеска го осуди, како што наведе, „вчерашниот израз на говорот на омраза што можеше да забележи во текот на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Северна Македонија и Бугарија“.

„Спортските настани претставуваат највисокиот израз на принципите на фер однос, меѓусебна почит и натпревар во спортски дух. Злоупотребата на овие настани за ширење на омраза и нетрпеливост претставуваат суштинска спротивност на нивната основна замисла“, порачаа од МНР, додавајќи дека двете земји „и во иднина ќе продолжат активно да работат на унапредување на меѓусебните односи, како земји сојузнички во НАТО, идни партнери во Европската Унија, и пред сѐ, добри соседи“.

- Реклама -