Ковачевски: Ќе има премиер Албанец, тоа не е ништо ново – СДСМ ги почитува коалициските договори

Барањето за премиер Албанец на 100 дена пред изборите не е ништо ново и тоа беше објавено по парламентарните избори во 2020 година, на прес-конференцијата на тогашниот мандатар Зоран Заев и лидерот на ДУИ – Али Ахмети, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, потврдувајќи дека договореното меѓу двете партии и натаму важи.

Потенцирајќи дека прашањето за предвремени избори е затворено и дека следните избори ќе бидат редовни, во 2024 година, Ковачевски рече дека и тогаш, како и во 2020-та, ќе победи СДСМ и коалицијата.

„Така ќе биде и на изборите во 2024 година кога СДСМ повторно ќе победи на изборите заедно со својата коалиција и кога повторно ќе се формира проевропска влада во Македонија на чело со мандатар предложен од СДСМ. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ коалициските договори ги почитува. Премиерот кој ќе обавува техничка улога ќе се случи кон крајот на следната година, односно во последните 100 дена од мандатот на оваа Влада, и уверени сме дека на изборите кои ќе се одржат идната година ние ќе ја добиеме поддршката од граѓаните и повторно премиерот ќе биде од редовите на СДСМ“, потенцира Ковачевски.

Техничкиот премиер, рече тој, ќе има мандат само да ги спроведе изборите во текот на предизборниот период.

„Воопшто немам проблем да има технички премиер Албанец или припадник на било која друга етничка заедница што живее во државата, бидејќи сметам дека етничка припадност не е професија. Секој кој што е професионален може да ја води Владата, особено во услови на технички мандат на владата кога единствено треба да се спроведат избори“, рече Ковачевски, додавајќи дека тој лично не се согласува со концептот на Пржинска влада (договорен во услови кога, како што рече, „бевме заробена држава“) и дека неговиот став е дека земја членка на НАТО, која преговара со ЕУ и претседава со ОБСЕ, не треба да има таков тип на влада пред изборите.

Прочитајте и:  Вреди: Клопчето се одмотува - фамилијарните скандали први на тапет

Во однос на објавите кои се појавија на социјалните мрежи под слоганот „Да, тој доаѓа!“, споделувани и од функционери на ДУИ, а кои алудираат на (мистеријата кој ќе биде) првиот премиер Албанец, налик на кампањата на ДУИ кога првпат беше промовирана идејата, Ковачевски одби да ги коментира, како што рече, „интерните кампањи“ на коалициониот партнер, оценувајќи дека ДУИ е во процес на внатрешна политичка кампања „во која излегуваат и креативни слогани“, но кои не се однесуваат, според него, на процесите на функционирањето на Владата во целина.

Што се однесува до изборите, Ковачевски прогнозираше и победа на претседателските избори.

„Прашањето за предвремените парламентарни избори кое Мицкоски го најавуваше во декември, па го презакажа за јануари, па за средината на февруари е затворено – изборите ќе бидат во редовниот термин.

Мицкоски тврдеше дека има парламентарно мнозинство од 61 пратеник, на крај се покажа дека оваа Влада има зголемено парламентарно мнозинство со нејзината реконструкција од 65 пратеници, со што е затворено прашањето на предвремени парламентарни избори.

Изборите, како што кажав уште од првиот ден, ќе бидат во нивниот редовен термин, бидејќи јас не ги менувам ставовите за разлика од некого. Прво ќе има претседателски избори на кои ќе победи кандидатот предложен од коалицијата предводена од СДСМ, а потоа и парламентарни избори на кои повторно оваа коалиција ќе формира проевропска влада во Македонија“, рече Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -