Премиерот и лидер на СДСМ – Димитар Ковачевски, кој во изјава за медиумите ја потврди утрешната средба со претседателот на Арбен Таравари за влез на Алијанса за Албанците во владината коалиција, уверува дека евентуалните кадровски преговори и договори нема да доведат до поинаков етнички баланс од оној во моментов.
Иако Ковачевски нагласи дека за кадровски решенија во моментов не е разговарано, рече дека е согласен со коалициските партнери, со кои неодамна имаше средба, дека балансот во Владата треба да остане каков што е сега, во смисла да нема дополнителни министри Албанци на сметка на Македонци.
Според Ковачевски, проширувањето на мнозинството во Парламентот ќе значи зголемување на капацитетот, поефикасна работа, побрзо носење на одлуките кои ќе значат интеграција на државата во ЕУ, меѓутоа и носење на закони кои значат европски квалитет дома.
Таравари, пак, денеска најави барања во форма на пет точки на кои, рече, ќе инсистираат без оглед дали ќе станат дел од владината коалиција или ќе останат во опозиција.
Извор: МИА