Ковачевски: Договорот со Фронтекс е конкретно признание за македонскиот јазик

Ако нашите деца си заминат, нема да остане никој што ќе го зборува јазикот на нашите предци, рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањетo на почетокот на 7. Отворени денови кои од денеска до петок ги организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Идните генерации треба да останат во нашата држава и затоа концептот и обврска на оваа Влада, рече премиерот, е да бидеме член на Европската Унија до 2030 година за тие овде да имаат иднина. Единствениот предизвик за јазикот не доаѓа од исток, запад, југ или од каде било, туку од тука и од нас, рече Ковачевски и додаде дека јазикот не живее само во книжевните дела, туку мора да биде зборуван од луѓето.

„Јазикот е нашата татковина – тоа е аманетот на Блаже Конески, чие наследство е темел на македонскиот јазик, а со тоа и темел на македонскиот идентитет и национална култура. Но Конески посочи и дека од нас зависи дали јазичната средина ќе биде загрозена или не. И ова не е помалку важно. Напротив, мотив и обврска е за секој што се смета за продолжувач на неговото дело“, истакна Ковачевски.

Биле тешки преговорите со Бугарија, со Франција и со други земји од ЕУ за да се обезбеди почеток на преговори со ЕУ, рече тој, а како учесник во преговорите и во сите напади што неколку месеци траеле однадвор и одвнатре, го имал, како што рече, истото тешко чувство како и македонските граѓани: „како некој со нож да ви го сече стомакот“.

„Но, на крајот на денот, некој мораше да донесе одлука. Таа одлука е за иднината на оваа и иднината на генерациите на децата што доаѓаат – дали ќе избереме концепт со крената глава, како Македонци, со заштитен македонски јазик, да ги отпочнеме преговорите со Европската Унија и да седиме на големата маса во Брисел… Другиот е концепт на лажна гордост, изолирани, сами, сиромашни граѓани, кои седат на малата маса раскарани и со соседи, и со Европска Унија. Тоа нашите граѓани не го сакаат“, истакна Ковачевски.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Покрај во Обединетите нации, македонскиот јазик сега е официјален и во ЕУ, рече премиерот и додаде дека конкретно признание е одлуката за потпишување на Договорот за гранично управување помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија (Фронтекс) усвоена пред неколку дена од Советот на ЕУ.

„Нема никакви додавки, нема никакви ѕвездички. Тоа е првиот договор којшто Македонија го потпишува со Европската Унија и во кој стои чист македонски јазик заедно со сите други јазици во ЕУ… Нема повеќе ни поединечни, внимателни формулации од типот: јазикот на Блаже Конески, Матеја Матевски, туку чист македонски јазик. Во официјални изјави на сите европски лидери, на претставници на меѓународната заедница денес гласно и јасно, прецизно се употребува терминот македонски јазик“, рече Ковачевски и посочи дека целото законодавство на ЕУ ќе се преведува на македонски јазик и тој е рамноправен со сите други јазици на Унијата.

На потпишувањето на Договорот со Фронтекс, кое ќе биде за неколку недели, тој нема, рече, со себе да поведе политичари или кабинетски службеници, туку професорите македонисти Људмил Спасов – претседател на Советот за македонски јазик, и Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

На отворањето на 7. Отворени денови беше соопштено дека Институтот, кој во 24 години имал само еден нововработен, оваа година добива 17 нови вработувања. Тринаесет се реализирани, а до крајот на месецов ќе бидат реализирани уште четири. Ковачевски соопшти дека веднаш се заложил за нови вработувања откако ги слушнал потребите на Институтот и подвлече притоа дека тие што го обвинуваат за лажен патриотизам 11 години ништо не направиле за вработувања на Институтот.

Посочи и дека со поддршка на Владата при крај е дигитализацијата на сите картотеки на Институтот, кои имаат пет милиони единици, и дека со тоа македонскиот јазик ќе биде достапен насекаде во светот и заштитен за идните генерации.

Извор: МИА

- Реклама -