Беспилотните авиони се сé почеста тема, а тоа алудира дека сме сé поблиску до таквата реалност. Дополнителна причина за брзање во тој правец е што користењето на беспилотни авиони на авионската индустрија може да ѝ заштеди и до 35 милијарди долари годишно, покажува истражувањето на UBS.
Извештајот предвидува дека првите авиони кои ќе бидат управувани далечински ќе се појават до 2025 година. До 2030-та ќе станеме сведоци на појавата на првите автономни приватни авиони и хеликоптери, а потоа и на првите комерцијални патнички авиони без пилоти.
Патничките авиони веќе одамна користат компјутерски системи, а денес, реално гледано, пилотите управуваат со авионот рачно само неколку минути во текот на летот, пишува CNN. Сепак, за разлика од претставата што ја има генералната јавност, авионите не летаат целосно самостојно дури ни кога се на автопилот. Целиот процес е контролиран од пилотите; тие вршат мониторинг, комуницираат со контролата на летови и ги преземаат потребните потези за следната фаза на летот.
Но, како што рековме, беспилотните авиони имаат потенцијал да ѝ заштедат големи суми на авионската индустрија. Авиокомпаниите обично ангажираат по 10 пилоти на еден авион, па намалувањето на нивниот број ќе им донесе големо намалување на трошоците за плати, обуки, престој и сл.
Тоа не само што добро ќе им дојде, туку е и единствената добра алтернатива, ако се земе во предвид дека индустријата се соочува и допрва ќе се соочува со голем дефицит на пилоти. Имено, според годишната прогноза на Boeing, меѓу 2017-та и 2036-та година, авиокомпаниите ќе купат нови 41.000 авиони. Тоа значи дека во тој период ќе треба да се обучат и вработат 637.000 нови пилоти. Поради сериозниот претстоен дефицит на квалификуван кадар, авиопревозниците од Средниот Исток и Кина, на пример, каде воздушниот превоз е во брз подем, со цел да се привлечат повеќе пилоти, нудат многу солидни плати и поволности. Се разбира, тоа дополнително ги зголемува трошоците, и не сите земји/авиокомпании ќе можат да си го дозволат.
Беспилотните авиони, пак, освен што ќе ги елиминираат овие потешкотии, веројатно ќе придонесат и до поевтинување на билетите. Намалувањето на трошоците може да доведе и до просечна цена од 40 долари по билет. За споредба, просечната цена во моментов е 369 долари по билет (според податоци од првата половина од 2016-та).
Како и да е, авионите што први ќе почнат да летаат без пилоти веројатно ќе бидат товарните. Последни што ќе се фатат на автономното оро веројатно ќе бидат патничките. Има многу добра причина за тоа. Истражувањето на UBS, спроведено врз 8.000 луѓе од САД, Велика Британија, Франција, Германија и Австралија, покажува дека 54% од анкетираните тешко ќе прифатат да се качат на авион без пилот. Само 17% одговориле дека би летале со автономен авион.
Оттаму, критичарите сметаат дека остранувањето на пилотите од авионите е лош потег, пред сé од економски причини. Во реалноста, сепак, откако овие храбри 17% ќе го пробијат мразот, многу веројатно е процентот на луѓе кои ќе немаат проблем со отсуството на пилоти нагло да се зголеми. Патниците како патници веројатно никогаш нема да му веруваат на компјутерот (бидејќи ја нема нашата желба за преживување), ама ќе им веруваат на луѓето кои ги програмираат овие компјутери.
После овие, ќе има уште една мала пречка – неопходни ќе бидат сериозни промени во регулаторната рамка на патничкото летање.