Каракачанов „изненаден“ од реакциите: Никаде не реков дека имињата се на пратеници, но од ДПМНЕ сами се препознаа

Вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија – Красимир Каракачанов, во изјава за порталот „Трибуна.мк“, вели дека е изненаден од бурните реакции во земјава откако денеска објави 20-тина имиња од бугарските избирачки списоци, во кои македонската јавност препознава високи функционери и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, алудирајќи на тоа дека имаат бугарски државјанства (и со тоа, дека го признале и своето бугарско потекло).

„Јас никаде не сум кажал или напишал дека имињата што ги објавив се на македонски пратеници или функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Едноставно тие имиња мене ми зборуваат нешто. Не знам зошто се случуваат тие бурни реакции. Не сум рекол дека тие се пратеници, но од ДПМНЕ се препознаа“, вели Каракачанов за „Трибуна“.

„Повторувам дека не тврдам дека тие имиња што ги објавив се пратеници или функционери на ВМРО-ДПМНЕ, но морам да кажам дека во избирачките списоци за претстојните избори во Бугарија има уште многу интересни имиња“, додава тој, потенцирајќи дека секој може да ги провери имињата во списоците, објавени на веб-сајтот на бугарската Централна избирачка комисија.

„Деновиве покопав по сајтовите на бугарските општини и бегол поглед на објавените избирачки списоци е доволен да се откријат многу интересни имиња, сите на луѓе од Македонија, кои добиле бугарско државјанство на основа на декларирано, од самите нив, бугарско потекло и бугарска етничка самоопределба“, напиша претходно Каракачанов, кога ги објави имињата.

Во истиот пост, бугарскиот вицепремиер напиша и:

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

„Се разбира, секое совпаѓање на имиња со лица кои заземаат раководни политички и општествени позиции во Македонија, е возможно да е случајно. Ако, сепак, не е случајно совпаѓање и ако тие луѓе се тие коишто мислам дека се, се надевам дека тоа е во ред. Би сакал да верувам дека веќе не е престап врз ‘македонската чест’ ако македонски политичар, функционер или негов близок роднина се декларира слободно и како етнички Бугарин, без да биде хулен, напаѓан и исмеван. Знам дека на многу од нив не им е лесно да се разоткријат и јавно да се декларираат како Бугари, но знам, исто така, затоа што лично познавам некои од нив, дека тајно си ја милуваат Мајка Бугарија и сонуваат за, како што рече големиот водач на ВМРО – Тодор Александров – ‘обединувањето на целокупното бугарско племе’“, што алудира дека целта му е, како што прави во многу наврати досега бугарската страна, намерно да предизвика реакции и потоа тие да бидат прикажани како доказ за наводниот „антибугаризам“ кој „изобилува“ во Македонија.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, освен што најостро демантираа дека нивни пратеници и функционери имаат бугарски државјанства, обвинија дека со ваквата објава Каракачанов одработува за Заев, со цел да се оцрни опозицијата, но и да се сврти вниманието од, според нив, скандалите со кинеските вакцини, софтверот на Рашковски и други.

- Реклама -