Каракачанов објави листа на имиња на Македонци со бугарски пасоши, меѓу нив извесни Милошоски, Пандов, Груевски

„Над 120 илјади граѓани на Република Северна Македонија, како бугарски граѓани, ќе имаат право да гласаат на претстојните парламентарни избори“, пишува бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов на Фејсбук, објавувајќи дваесетина имиња на Македонци со бугарски државјанства, имиња кои на овдешната јавност ѝ се мошне познати.

Како што објаснува Каракачанов, избирачките списоци се јавна информација и секоја општина по закон е должна да ги објави, а тој деновиве пребарувал по вебсајтовите на бугарските општини и открил „многу интересни имиња“. Како што потенцира тој, овие луѓе од Македонија добиле бугарско државјанство на основа на декларирано бугарско етничко потекло и бугарска етничка самоопределба.

Па така, меѓу имињата кои ги објави Каракачанов, а за кои и самиот вели дека е можно само случајно да се совпаѓаат со имиња на лица на високи политички и општествени функции во Македонија, за овдешната јавност најзвучни се Александар Николоски, Антонио Милошоски, Никола Мицевски, Александар Пандов, Петар Богојески, Филип Петровски, Тало Груевски (како што се вика татко му на екс-премиерот Никола Груевски).

Покрај нив, Каракачанов споменува и извесни Стефан Андоновски, Марија Андоновска, Љупчо Димовски, Бојан Стојановски, Иван Јорданов, Игор Здравковски, Марија Петрушевска, Здравко Трајанов, Дејанчо Ефтимов…

„Не е точно дека пратеници и функционери на ВМРО-ДПМНЕ имаат лични карти и државјанства на Република Бугарија“, демантира, од друга страна, Никола Мицевски – координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ (во која има најмногу совпаѓања со списокот на Каракачанов), во изјава за „САКАМДАКАЖАМ.мк“.

Според Мицевски, ова е масло на Владата на Зоран Заев, а со цел да се оттргне вниманието од скандалите со вакцините и пописот. Мицевски најави дека наместо секој од „прозваните“ поединечно, ВМРО-ДПМНЕ ќе реагира со заедничко соопштение.

Каракачанов, пак, вели дека има и многу други, потенцирајќи дека секој може сам за себе да провери, но и за било кој друг. Тој повторно алудира дека „Бугарите во Македонија“ немаат еднаков третман.

„Ако не е случајно совпаѓање и ако тие луѓе се тие коишто мислам дека се, се надевам дека тоа е во ред. Би сакал да верувам дека веќе не е престап врз ‘македонската чест’ ако македонски политичар, функционер или негов близок роднина се декларира слободно и како етнички Бугарин, без да биде хулен, напаѓан и исмеван. Знам дека на многу од нив не им е лесно да се разоткријат и јавно да се декларираат како Бугари, но знам, исто така, затоа што лично познавам некои од нив, дека тајно си ја милуваат Мајка Бугарија и сонуваат за, како што рече големиот водач на ВМРО – Тодор Александров – ‘обединувањето на целокупното бугарско племе’“, пишува бугарскиот вицепремиер во постот.

Тој потсети и дека „овие видни македонски бугари“, исто како и останатите над 120 илјади бугарски државјани во Македонија, имаат и право на бесплатно вакцинирање и рамноправно им е достапен здравствениот систем на Бугарија и целата ЕУ. Според Каракачанов, „тоа е вистинската солидарност на татковината Бугарија кон своите многубројни граѓани – Бугари, кои живеат како во Македонија, така и насекаде во светот“.

Попат, Каракачанов ги повика лицата од списоците, да гласаат за неговата партија, или како што самиот вели – за „вистинското ВМРО“.

- Реклама -