Како да наполните шише вода од воздухот?

Пустината Намиб во јужна Африка е брутално место за живеење, дури и за инсектите. За да преживее еден инстект ја собира влагата од воздухот и создава вода за пиење.

Оваа адаптација е речиси неопходна за преживување во сувата пустина, а сега тим дипломци од MIT се надева дека ќе може да употреби сличен систем за да им обезбеди вода за пиење на околу три милијарди луѓе кои живеат во региони со ограничени ресурси.

Компанијата NBD Nano се обидува да создадат шише за вода прекриено со променлив слој од материјал кој привлекува и материјал кој одбива вода. Оваа комбинација ќе може да фаќа влага од воздухот која ќе се кондензира во шишето.

Еден од основачите на компанијата, Мигел Галвез ја објаснил идејата за BBC News: „Многу беше важно да се употреби биохемија во нашиот дизајн и во моментов работиме на нашиот прв прототип. Очекуваме првиот прототип да собира помеѓу половина литар и три литри вода на час, зависно од влажноста во околниот воздух.“

„Суви места како пустините Атакама или Гоби немаат пристап до големи извори на вода. Па ако создаваме по неколку литри вода дневно користејќи евтин метод, овој систем ќе биде одличен за заедниците во суб-Сахарска Африка или било кој друг сув регион во светот. А ако методот е доволно евтин, тогаш можеме да имаме вистинско влијание врз локалната средина.“

Иако идејата за фармување на влага не е ништо ново, направите за кондензација кои постојат во моментов користат големи количини енергија а создаваат релативно мали количини вода. Иако шишето на NBD Nano не може да подржи цела заедница, тоа барем ќе може да овозможи дополнително количество вода на енергетско-ефикасен начин. [Namib Desert beetle inspires self-filling water bottle]

- Реклама -