Каевски за исвиркувањето на македонскиот јазик на концертот за Рамковниот договор: Поединците што шират вакви провокации дополнително нѐ мотивираат

„Ваквите провокации што доаѓаат од поединци се случуваа за жал многу често во минатото, се случуваат и сега. Разликата е во тоа што во минатото таквите провокации беа иницирани, поддржани и мотивирани од власта, сега сликата е поинаква“, изјави денеска портпаролот и пратеник на СДСМ – Дарко Каевски, прашан за исвиркувањето на македонскиот јазик на, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, „партиската прослава на ДУИ и СДСМ пред два дена“, каде се случи „уште едно понижување на македонскиот јазик покрај тоа што оваа ненародна власт го распродава во преговорите со Бугарија“.

„Ние како влада го креиравме и концептот ‘Едно општество за сите’, каде заедништвото и различностите се почитуваат и тоа придонесува за развој на нашето општество. Ги повикуваме сите поединци што шират вакви провокации и не ѝ мислат добро на нашата држава – да престанат, бидејќи нема да нѐ демотивираат, туку повеќе ќе нѐ мотивираат да се бориме за концептот ‘Едно општество за сите’ да заеднички го развиваме и бидеме дел од прогресот на државата“, рече Каевски.

Тој додаде дека СДСМ ги осудува сите оние кои на ваков начин на провокации ќе се обидат да предизвикаат штета на македонскиот јазик или било кој друг јазик во нашата држава или било кој друг етникум, затоа што, како што рече, овие провокации нема да донесат ништо добро во нашето општество.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

„Затоа продолжуваме во насока да ги подобруваме односите во државата и концептот ‘Едно општество за сите’ и понатаму ќе функционира во насока за развој на нашата држава“, додаде портпаролот на СДСМ.

Претходно, од ВМРО-ДПМНЕ побараа СДСМ и ДУИ, а особено премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Артан Груби, веднаш да се оградат и да го осудат, а на македонските граѓани да им се извинат, за скандалот со омаловажувањето на македонскиот јазик за време на, како што велат, приватната забава на власта на која илјадници евра се потрошени за партиска прослава на ДУИ на која се исвиркуваше македонскиот јазик.

„За оваа прослава се потрошија над 100 илјади евра за пејачи и гоштевање на функционерите на ДУИ во време на економска и енергетска криза. Додека во Тетово нема вода за пиење, додека десетици села во полошкиот крај газат во кал, додека во Арачиново абер нема од ветената канализација, криминалците од ДУИ и СДСМ трошат пари на граѓаните за партиски забави“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Доста е. Доста е од поделби, доста е од омаловажувања и распродавања на националните интереси. Доста и од секојдневните криминали на власта предводена од СДСМ и ДУИ. Казната од граѓаните за оваа ненародна власт ќе пристигне многу скоро, на предвремените парламентарни избори“, порача Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -