Јован Крајевски од Левица: За анти-албанството на ДУИ

Пишува Јован Крајевски – член на Централниот Комитет на политичката партија Левица, за Антропол.мк

„Ако во секоја идеологија луѓето и нивните околности
се појавуваат наопаку како во camera obscura,
овој феномен (појава на инверзија) произлегува
исто толку од нивниот историски животен процес
колку што и инверзијата на предметите во леќата
произлегува од нивниот физички животен процес.“
– Карл Маркс, Германска идеологија

Или во зборови кои се поблиску до денешницата – дури и кога естаблишментот и нејзините перјаници на либералната догма ви велат нешто што звучи толку виситинито, ко фактот дека водата врие како последица на топлината која достигнала температура од 100 степени, нам побезбедно ни е да претпоставиме дека токму обратното е вистина и дека топлината достигнала температура од 100 степени како последица на вриењето на водата!

Значењето на термините „анти-албанско“ и „анти-европско“ во Република Македонија почнаа да го губат значењето уште кога во сила стапи Охридскиот Рамковен Договор. Две децении и неколку капитулантски договори подоцна, границите помеѓу значењето на термините „нации“ и „етникуми“ се замаглија, патриотизмот прерасна исклучиво во патриотизам на знамето – симболичен и импотентен во најдобар случај, ретрограден и сегрегаторен во својот најлош случај, а оние кои се застапници токму на анти-албанските и на анти-европските политики се оние кои се први да го вперат прстот и обвинат за истото другиот, небаре си ги проектираат личните свои фрустрации.

Две децении и седум влади од првото доаѓање на ДУИ на власт, положбата на Албанците во Македонија не била никогаш полоша. Овие самодекларирани застапници на албанската политика, кои спроведуваат политики за обичниот албански народ исто онолку колку што спроведуваат и зелени политики за Републиката, ништо помалку не го осиромашија албанскиот народ од што македонскиот народ бидна осиромашен од политиките на ДПМНЕ и СДСМ од транзицијата до денес. Напротив, она што ДУИ го направи за електоратот што дрско се обидува да си го присвои ко да е ексклузивно нејзин и го третира ко своја приватна сопственост (видете ги само бројните настапи на Ахмети после 2016, кога е видно нервозен што нови партии му ги земале албанските гласови, небаре само за него смее еден Албанец да гласа), е да пласира наратив во кој Албанецот во Македонија е целосно отуѓен од сопствената држава и во него егзистира и треба да егзистира како засебен ентитет.

Албанците, кои се државотворен елемент на Македонија и фигурираат како такви уште од АСНОМ, се само еден од многуте етникуми во Македонија и Македонија е нивна држава колку што е и на секој друг што живее овде, работи овде, плаќа даноци и сметки овде, и национално (а не само етнички!) се доживува себе си како Македонец. Да се отуѓува Албанецот од македонската нација, да му се пропагира национална припадност различна од националната припадност на сите останати кои живеат на овие простори, значи да тој се постави во потчинета позиција – позиција во која сите ние имаме татковина, а Албанецот нема и трага по неа надвор од границите на Македонија. Како, побогу, е ова про-албанска политика, може единствено да се разбере преку цитатот на Маркс наведен на почетокот на оваа колумна – со идеолошка инверзија на реалноста од страна на ДУИ, кои се единствени кои до сега профитирале од албанската потчинетост.

Ваквата сегрегација на албанскиот етникум од останатите етникуми кои ја сочинуваат македонската нација во крајна мера води кон федерализација на Републиката, а доволно е да го погледнеме примерот со Босна и Херцеговина за да увидиме дека федерализацијата не е пожелна ниту за Албанците, ниту за Македонците, ниту за кој било друг што живее во овие простори.

Но, за да се затскрие овој проблем, ДУИ парадира со својот патриотизам на знамето. Го јача сепаратистичкиот дух наметнувајќи го анти-уставниот Закон за двојазичност, кој и без навраќањето на меѓу-етничкиот антагонизам кој 20 години се обидуваме да го смириме, трибалистички делејќи ја нацијата на етникуми-племиња од кои секој почнува да сонува за засебен живот и засебна држава, го подрива уставот и со тоа и правно ги подрива темелите на Републиката. Ваквиот ретрограден патриотизам не само што е слеп на проблемите на албанскиот народ, туку и стреми да создаде вештачки конфликти кои ќе се наметнат како поважни од проблемите од кои секојдневно гинат Албанците.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

Не, не преувеличувам – буквално гинат! Да не заборавиме дека ДУИ пред две и пол години притискаше да се воведе закон за пазарџии кој што пазарџиите (меѓу нив и многу Албанци) ќе ги осиромашеше најмалку 1.5 милион евра! Да не заборавиме дека ДУИ премолче за 14 луѓе што живи изгореа во тетовската модуларна болница пред два и пол месеци! Да не заборавиме дека ДУИ пет години со ред не сака да им го среди проблемот со питката вода на тетовчани! Какви се овие проалбански политики, кажете ми вие, Дерали и Ненадовци, перјаници на либералната догма!

И токму оваа партија и токму овие „независни“ аналитичари, ја превртуваат сликата наопаку како camera obscura и ја претставуваат Левица, во една проекција на сопствената идеолошка матрица, како анти-албанска партија! Единствената левичарска и единствената надетничка партија, која што никогаш не се дрзнала да го третира албанскиот глас како нечија сопственост, која што секогаш прва се спротивставувала на сите сегрегаторски и трибалистички наративи и политики на ДУИ, која секогаш се обраќа на целокупната македонска нација, а никогаш на поединечните етникуми кои неа ја чинат, е етикетирана баш од ДУИ и од оние блиски до ДУИ како анти-албанска, анти-европска, па дури и, пази молимте, фашистичка. Партизаните во гроб се превртуваат кога вака вулгарно се користи зборот фашизам, но тоа не верувам да значи многу за ДУИ, како партија која што е идеолошки поблиска со балистите!

Деновиве имавме историска прилика да ги испратиме ДУИ на буништето на историјата. Деновиве имавме прилика да се обединиме и да се решиме од овој анти-албански и анти-европски државен елемент и да започнеме да го враќаме граѓанскиот карактер на Републиката. Левица секогаш ќе се бори да го вратиме и работничкиот и анти-фашистички карактер на Републиката, но не сме ние мрзеливи утописти кои ќе прескокнуваат чекори и историски етапи само за да останеме чисти пред погрешно сфатената универзалност на социјалистичката мисла, туку разбирајќи ја поединечноста на условите во секоја една различна држава, сме волни да постапиме како што условите во Македонија налагаат и прво да се решиме од ретроградните државни елементи кои го кочат историскиот прогрес. Но, остатокот од опозицијата очигледно не е до крај спремна на еден ваков чекор.

Со својата неодлучност да ги превземат сите потребни мерки и да победат против заедничкиот непријател – владата на СДСМ и ДУИ, господата од БЕСА, Алтернатива и АА се ставија себе си во многу непогодна позиција. Овие три нови партии одлучија само да ја заплашат владината коалиција и да го повредат коалициониот партер ДУИ. Не знам дали разбираат дека со тоа што комплетно не ги избришаа ДУИ од политичката сцена, со тоа што само им покажаа дека можат да ги наоштрат своите заби, дека сега создадоа монструм кој веќе не е само коалиционен партнер, туку е предводник на владината коалиција и е спремен да се пресмета со сето она што го гледа како закана да му ги одземе гласовите што тој ги смета за своја приватна сопственост. Како сега ДУИ ќе се реваншира на БЕСА, Алтернатива и АА, останува на нас да видиме, а на нив, ако продолжат некако да постојат на политичката сцена, останува да научат важна лекција за нареден пат: No half measures!

- Реклама -