Јапонија – земјата во која девиците се национален проблем

Во споредна со своите врсници од САД и Велика Британија, Јапонците своите први сексуални искуства ги имаат значително подоцна во животот, открива истражувањето на експертите за јавно здравство од универзитетот во Токио. Не само тоа, но според нивните податоци, младите во земјата и сè подоцна стапуваат во сексуални односи.

Во истражувањето се разгледувало само хетеросексуалното сексуално искуство и не биле вклучени одговорите на лицата од LGBTQ заедницата или оние кои се декларираат како асексуалци. Сексуалниот однос, пак, бил дефиниран како вагинален однос меѓу маж и жена.

Според податоците, меѓу јапонските жени на возраст од 18 до 39 години, во 2015-та година девици биле дури 24.6 отсто. За споредба, во 1992 година девици биле 21.7% од жените на оваа возраст. Кај мажите, во 2015 година невини биле 25.8%. Во 1992 година таа бројка изнесувала 20%.

Според анкетите, во Велика Британија, САД и Австралија, стапката на хетеросексуалните девици кај луѓето во 30-тите години од животот, е меѓу 1% и 5%.

„Сексуалното неискуство станува национален проблем за Јапонија“, вели Петер Уеда од токискиот универзитет.

Земјата има голем проблем со наталитетот и просечната старост на населението забрзано расте. Така Јапонија се смета за исклучително стара нација, што значи дека повеќе од 20% од населението е на возраст од 65 и повеќе години. Во 2017-та, пак, во Јапонија родени биле само 946.060 бебиња – најмалку од 1899 година наваму, т.е. откако почнала да се води евиденција.

Се разбира, малиот број на новородени и деца значи и намалена работна сила која ќе биде потребна за издршка на старата популација преку здравствените и пензиските фондови. Затоа во последните години Јапонија води активна политика за зголемување на наталитетот.

Сепак, ниту националните кампањи, ниту подемот на јапонската порно индустрија, како да немаат ефект. Сексот останува табу меѓу Јапонците и Јапонките.

„Сексот, во Јапонија, се смета за валкан и неморален“, вели културологот Куки Чу од универзитетот „Софија“. „Моите студенти имаат потешкотии со употребата на зборовите ‘пeниc’ или ‘вагина’, а ако жена изрази било какво знаење или интерес околу сексот, се смета за неморална. Ни мажите не разговараат на тие теми“, вели таа.

- Реклама -