Во своето гостување во радиската емисија „Еспресо со Златев и Боцевски“ претседателскиот кандидат на коалицијата „Храбро за Македонија“, Стевчо Јакимовски, истакна дека Македонија нема време за губење и дека како престедател на државата ќе му даде рок на Брисел до 2030 година да ја прими Македонија во ЕУ, а доколку тоа не се случи ќе бара друга алтернатива.
-Ние треба да им кажеме, подготвени сме да чекаме до 2030-та година да чекаме влез во Европска Унија. Не ли влеземе до 2030-та година, Вие нема да бидете наш приоритет. Ние ќе тераме, од тој пат нема да се откажуваме, но ние мораме да си бараме пат за развој на државата, вели Јакимовски.
Тој прашува зошто во Македонија нема странски инвеститори како што има во Србија.
-Moжно ли е во Македонија да нема ниту еден инвеститор од Саудиска Арабија, од Катар, од Емирати, од Либан… да бројам уште? Како тие инвеститори ги има и во Германија и во Англија, како ги има во Америка? Ги има во Србија. Можно ли е Лукоил да има 1300 бензиски пумпи во Америка, а ние да не смееме ни руска салата да јадеме?, прашува Јакимовски.
Алтернатива, според него, Македонија мора да има.
-Зошто говориме за алтернативи? Ние не викаме ќе напуштиме ова ќе одиме во БРИКС. Ќе ги отвориме вратите за инвестирање во оваа држава, вели тој.
Клучен дел за безбедноста на државата е економскиот потенцијал и стабилност, потенцира Јакимовски и токму поради тоа, вели, како претседател на државата ќе се фокусира на македонската економија.
-Дел од безбедноста на државата е и економскиот потенцијал на државата. Социјалната стабилноста на државата. И тоа и те како е под ингеренции на претседателот. Значи ти ако си економски слаб, па тоа е и нивната цел, ние што повеќе да се задолжуваме, да имаме што поголеми дефицити, што поголема помош да бараме од нив за да немаме каде да одиме, заклучи Јакимовски.