Амбасадорот на Израел во Обединетите нации, Гилад Ердан, рече дека ќе носи жолта Давидова ѕвезда додека Советот за безбедност на ОН не ги осуди „злосторствата на Хамас“, барајќи при тоа „моментално ослободување“ на заложниците на палестинската милитантна група.
Ердан на реверот носеше жолта Давидова ѕвезда на вчерашната седница на Советот за безбедност на ОН, кој поради недостиг на консензус не усвои ниту една резолуција за решавање на ситуацијата во Израел и Газа.
Директорот на музејот на холокаустот „Јад Вашем“, Дани Дајан, го критикуваше израелскиот амбасадор Ердан дека носи жолта Давидова ѕвезда, велејќи дека тоа „ги обесчестува и жртвите на холокаустот и државата Израел“.
„Жолтата ѕвезда ја симболизира немоќта на еврејскиот народ, кој беше во немилост на другите. Денес имаме независна држава и силна армија“, напиша Дајан на Твитер, објави „Тајмс оф Израел“.
Тој додаде дека Израел во моментов е господар на сопствената судбина.
„Ние денеска носиме бело-сино знаме, а не жолта лепенка“, рече Дајан.
Евреите морале да носат жолта Давидова ѕвезда по наредба на нацистите, за да се истакнат во јавноста, а денеска носењето на таа ѕвезда се смета за начин на евоцирање на Холокаустот.
МИА