Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека доколку биде реизбран за претседател следната година, ќе ги протера имигрантите кои го поддржуваат Хамас.
Тој додаде дека ќе испрати полиција и на протестите кои го поддржуваат Хамас за апсење и депортирање на мигрантите кои јавно ја поддржуваат палестинската милитантна група.
За време на кампањата во сојузната држава Ајова, Трамп додаде дека ќе забрани влез на секој што го негира правото на Израел да постои, како и дека ќе им ги одземе визите на студентите кои, како што рече, се „антисемитски“. Тој, исто така, вети дека ќе забрани влез од земјите каде што „тероризмот пуштил корени“.
Трамп не објасни како ќе го спроведе сето ова, вклучувајќи го и барањето имигрантите да го поддржуваат правото на Израел да постои. Трамп, конкретно, рече дека ќе го забрани пристигнувањето на имигранти од Либија, Сомалија и Јемен „или од каде и да доаѓа заканата за американската безбедност“.
Тој, исто така, прочита песна која ги поврзува имигрантите со смртоносните змии.
Џејми Харисон, директор на Демократскиот национален комитет, ги опиша ветувањата на Трамп како „исламофобични“ и „екстремни“.
Ајова е една од првите сојузни држави што ќе номинира претставник на Републиканската партија на изборите во 2024 година.
МИА